ВЕСТ НА ДЕНОТ
На 27-та годишнина од геноцидот во Сребреница денеска, во Меморијалниот центар Поточари ќе бидат погребани посмртните останки на уште 50 жртви за време на геноцидот
Во костурницата во Тузла се чуваат остатоци од тела на 92 идентификувани жртви од Сребреница, но членовите на нивните семејства се уште не дале согласност за погреб. Се надеваат дека ќе бидат пронајдени и други делови од телата на убиените.
До денес, во Меморијалниот центар во Поточари се погребани 8372 посмртни останки на жртви во геноцидот.

И по 27 години од ужасот на Босанците, сѐ уште не можат да се пронајдат посмртните останки на уште над илјада жртви од геноцидот во Сребреница.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Сите знаеме дека компромисите понекогаш значат болни отстапки. Европската Унија се состои од компромиси, ден за ден. Но, јас сум цврсто убеден дека дури и тешки компромиси на крајот секогаш нè носат напред и нè прават посилни. Ние сме и ќе останеме на Ваша страна, порача Шолц.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Бројот на загинати во ракетниот напад на Русија врз градот Часив Јар, регионот Доњецк, се зголеми на 18, изјавија од главниот оддел на украинската државна служба за вонредни состојби во регионот Доњецк на Фејсбук, јавува дописникот на Укринформ.
Од целосната инвазија, Русија извршила повеќе од 22.500 воени злосторства и злосторства на агресија врз Украина. Ова го соопшти украинското Јавно обвинителство на Телеграм. Според последните податоци, руската војска извршила 22.504 злосторства на агресија и воени злосторства. Од нив, 21.677 се поврзани со кршење на законите и обичаите на војната, 73 – со планирање, подготвување, започнување или водење војна, 21 – за пропаганда на војна и 733 други злосторства.
Кремљ се фали дека го „ослободува ЛПР“, но го третира главниот херој на оваа „победа“ на прилично матен начин, објави Центарот за стратешки комуникации и информациска безбедност кој ги собра главните дезинформации и наративи на руската пропаганда од 4 јули, пренесува Укринформ.
Ракетен напад беше извршен врз градот Часив Јар. Секој што дава такви наредби и ги извршува, дефинитивно ќе биде пронајден и ќе одговара.
Денеска цел ден добивам пријави од градот Часив Јар во регионот на Доњецк. Таму е во тек спасувачка операција по рускиот удар врз станбени згради. Уништени се две висококатници. Десетици луѓе се под урнатините. Шестмина беа спасени. На списокот на загинати има 15 имиња и, за жал, ова не е конечниот број, рече претседателот на Украина Володимир Зеленски во синоќешното видео обраќање до нацијата.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОЛИТИКА Пораката на маицата на еден од демонстрантите гласеше „27 април“, на петтиот ден (на 6 јули) од протестите против францускиот предлог за почеток на пристапните преговори со ЕУ, каде што за малку беше избегнат поголем инциденти откако дојде до меѓуетнички судир меѓу демонстрантите и помала група на граѓани кај плоштадот „Скендербег“ во Скопје.
ИНТЕГРАЦИИ Вашата земја повторно се соочува со носење на една многу важна одлука: Дали сакате да го прифатите европскиот компромис? Со тоа, 17 години по доделувањето на статусот на кандидат за членство во ЕУ, може конечно да се одржи првата пристапна конференција за членство. Тоа ќе биде важен чекор што ќе ве приближи до членство во ЕУ и со што ќе се надмине блокадата, изјави германскиот канцелар ОлафШолц во своето обраќање. Јас ги разбирам Вашата нестрпливост и Вашата фрустрација. И повеќе од тоа: ги споделувам со Вас!
ПОТРАГА Продолжува и денеска спасувачката акција и потрагата по третиот исчезнат македонски државјанин, во Посиди, на првиот крак на Халкидики, откако вчера и завчера беа пронајдени живи неговите двајца пријатели.
ИНТЕРВЈУ Претседателот Стево Пендаровски во интервју за грчкиот весник „Етнос“ изјави дека Русија ги продуцира најсериозните хибридни закани на Балканот, вклучувајќи политичка пропаганда и кампањи на дезинформации.
СОЦИЈАЛНА ПРАВДА Социјалниот дијалог е отворен, продолжува и понатаму. Значи, интересот е и на Владата и на Министерството е да имаме поголеми плати, меѓутоа многу пати досега сум рекла и сега ќе повторам, треба да имаме системско решавање на прашањата, да немаме ад хок решение, туку градење на систем кој е траен и одржлив, а токму тоа и го нудиме, изјави министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во одговор на новинарско прашање на денешното поставување камен-темелник во градинката „Пролет“
СТАТИСТИКА Како дел од напорите за подобрување на методологијата и квалитетот на податоците за е-трговијата, приближување на македонското законодавство со законодавството на ЕУ и следење на трговијата во Република Северна Македонија во рамките на Спогодбата на ЦЕФТА, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија во соработка со Државниот завод за статистика, организираше тркалезна маса за дискусија на можностите и начините за подобрување на методологијата на податоците за е-трговија.
ТЕХНОЛОГИИ Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) денеска на „Македонски Телеком“ и „А1 Македонија“ им ги додели одобренија за петтата мобилна генерација 5Г, со што станавме прва држава во Западен Балкан што воведува вистинска 5Г мрежа
ЕДНАКВИ МОЖНОСТИ Мерките и активностите кои ги преземаат надлежните институции не се доволни за да обезбедат ефективно воспоставување на концептот на еднаквите можности на жените и мажите во процесите на креирање и спроведување на политиките.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Во фокусот на ЦИВИЛ: Национализмот на политичката улица

ЦИВИЛ организира панел дискусија на тема „Национализмот на политичката улица“ што ќе се одржи в четврток, 14 јули 2022 година, со почеток во 13 часот, во прес центарот на ЦИВИЛ, во бизнис центарот Палома Бјанка, 3 кат.
Настанот е посветен на националистичкиот наратив за време на протестите против европскиот предлог за пристапни преговори на Северна Македонија за членство во ЕУ.
КОНТЕКСТ
После 10 часа возење стасавме на српско-босанската граница, каде што нѐ задржаа повеќе од еден час. Откако ја поминавме српската граница следуваше еден огромен железен мост, а на крајот на мостот беше стационирана босанската граница. Целата „весела“ атмосфера запре кога ја поминавме границата. Се чини запре времето, никој ништо не зборуваше. Сите молчеа, штама. Веќе бевме свесни каде и за што одиме.
Никој не зборуваше додека не стасавме во Сребреница, малото босанско гратче каде што е извршен најголемиот геноцид по Втората светска војна. Долгата колона возила на патот што водеше до местото на геноцидот беше бавна. При самиот влез во селото има детско игралиште, кое ми влеа надеж дека, сепак, има живот и во Сребреница. Но, игралиштето беше полно со трева и грмушки. Последен пат на тоа игралиште си играле деца пред 20 години, кои се или убиени или отселени оттаму. Веднаш ми текна на добриот чичко, си замислив колку би било убаво да го видам сега како седи на клупа и ги гледа внуците како си играат и се смеат. Но, тоа беше само пуста желба, реалната слика беше поинаква, ни чичкото го видов, ниту слушнав детско смеење. Слушав само тишина, пишува новинарот и активист Дехран Муратов во контекст на 27 годишнината од геноцидот во Сребреница, „ Мајчината солза нека биде молитва: Никому и никогаш да не се повтори Сребреница!“
Д.Мишев













