Со највисоки државни и воени почести попладнево во Скопје е пречекан претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, кој ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
Негов домаќин е претседателот Стево Пендаровски со кого Штајнмајер ќе има тет-а-тет средба, а предвиден е и пленарен состанок на делегациите на Северна Македонија и Германија.
Двајцата претседатели ќе одржат и заедничка прес-конференција.
Во рамки на посетата, во црквата „Св. Спас“ во Скопје, Штајнмајер и Пендаровски ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев.
Штајнмајер е предвидено да се обрати и пред пратениците во македонскиот Парламент, а попладне во Владата да оствари средба и со премиерот Димитар Ковачевски.
Утре во Чифте амам, Штајнмајер ќе се сретне со филмската екипа на филмот „Медена земја“, а во попладневните часови ќе ги посети Ветерниот парк во Богданци и германската компанија Дрекселмајер во Кавадарци.
Ова е прва посета на федералниот претседател Штајнмаер на Република Северна Македонија. По Северна Македонија, Штајнмаер заминува во посета на соседна Албанија.