Претседателот Стево Пендаровски денеска со највисоки државни и воени почести го пречека претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
Во рамки на посетата, покрај тет-а-тет средбата, се одржа и пленарен состанок на официјалните делегации на Северна Македонија и Германија, по што претседателите Пендаровски и Штајнмајер одржаа заедничка прес-конференција.
– Оваа посета има и своја додадена вредност, бидејќи се остварува во време на крупни гео-политички турбуленции, кога имаме војна на европско тло која предизвикува серија на кризи кои се прелеваат, при што секоја земја се обидува да им обезбеди на своите граѓани сигурност, безбедност и просперитет. Од друга страна, пак, а што е посебно значајно за нас, оваа посета се реализира во годината кога конечно, после многу одложувања ги започнавме преговорите со Европската Унија и кога ни е неопходна поддршка за забрзување на тој процес, изјави претседателот Пендаровски.
Сојузна Република Германија, вели Пендаровски, е еден од нашите најблиски сојузници и најсигурни партнери, а германските власти веќе три децении, во континуитет, ја демонстрираат посветеноста кон нашата држава и нашиот регион.
-Во оваа прилика истакнав дека ние сме целосно посветени на првите фази од преговорите со Европската Унија затоа што членството во Унијата останува наша долгорочна стратешка определба на која ќе продолжиме да работиме со несмален интензитет. Во овој контекст, недвосмислената поддршка што ја добиваме од Германија е од големо значење за нас, особено во рамките на обновениот Берлински процес, во кој Германија има клучна улога, потенцира претседателот Пендаровски..