ВЕСТ НА ДЕНОТ
Посета на претседателот на Сојузна Репулбика Германија Франк-Валтер Штајнмајер
Со највисоки државни и воени почести попладнево во Скопје е пречекан претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, кој ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
Негов домаќин беше претседателот Стево Пендаровски со кого Штајнмајер имаше тет-а-тет средба, а се одржа и пленарен состанок на делегациите на Северна Македонија и Германија. На заедничката прес-конференцијата претседателот Пендаровски изјави дека Германија како наш клучен политички и економски партнер ја подржува интеграцијата на земјава во ЕУ, а Штајнмајер посочи дека Северна Македонија претставува ценета економска локација за преку 200 фирми со германски капитал кои се вбројуваат во најголемите работодавци во земјата и кои вработуваат околу 20.000 работници
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Утре ќе се уверам во еден важен проект за иднината, во Богданци ќе имам прилика да го посетам првиот ветерен парк на Западен Балкан изграден за само 18 месеци со германска поддршка. Овој ветерен парк е пресвртница за поеколошко снабдување со енергија во вашата земја. Исто така и најголемиот инвестициски проект што се планира, тоа е ветерен парк Вирови кој во крајната фаза треба да снабдува 290.000 домаќинства. Ветерните паркови ни го покажуваат патот, мора да ги искористиме економските шанси на еколошка трансформација. Ова и за Северна Македонија и за Германија претставува поука од руската агресија, за сите нас тоа е всушност потребно за преживување, потенцира германскиот претседател“, изјави германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер на денешната прес конференција што ја одржа заедно со македонскиот претседател Стево Пендаровски.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ОБРАЗОВАНИЕ Министерството за образование и наука информира дека испораката на учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение во основното образование се одвива согласно утврдената динамика.
СУД Претседателката на Судски совет, Павлина Црвенковска поднесе оставка поради како што вели медиумската хајка со пласирање на лажни информации.
ПРИЗНАНИЕ Овој месец Центар за македонски јазик и официјално е регистриран како невладина организација (НВО) од страна на судските власти во Грција. Од Центарот за македонски јазик во Грција велат дека во земјата и де факто е признато македонското говорно население.
МОБИЛИЗАЦИЈА Секретаријатот за европски прашања објави јавен повик за пријавување на сите заинтересирани граѓански организации за консултации за процесот на преговори за пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија.
AL-PRESS
Редакциски избор од албански медиуми:
Косово ќе аплицира за членство во ЕУ, Албанија на британската листа на назначени „безбедни“ земји, заедничкиот јазик и националниот идентитет
ЦИВИЛ
ЦИВИЛ соопшти дека го започнува проектот „Отпорно новинарство во борба против дезинформациите и пропагандата“ во чии рамки ќе се одржи семинар за новинарки и новинари од 5 до 10 декември. Предавачи и презентери ќе бидат истакнати медиумски професионалци и експерти од Германија и Украина, како и од нашата земја. Бројот на учесници е ограничен. Пријавувањето за учество на семинарот трае до 1 декември, 17 часот. Работниот јазик на семинарот е англискиот.
ИНТЕРВЈУ
СЛОБОДНА ЗОНА
„Со одлуката на грчките судови да го регистрираат Центарот за македонски јазик во Грција во Лерин, објавена во Билтенот за судски одлуки и публикации на 7 ноември 2022 година, на сите оние коишто злонамерно го толкуваа Преспанскиот договор сега им се отвори можност да си олеснат на душата и да ја прифатат реалноста: Преспанскиот договор продолжува да дава резултати од национален интерес“, вели Зоран Бојаровски во денешниот коментар „Преспанскиот договор продолжува да дава резултати од национален интерес“
„Да не бидам апокалиптичен, ама сакам само да ги поставам дилемите. Ако се продолжи со задолжувањето и слабиот раст на стопанството во целост ќе нема нови кредити и ќе нема пари за пензии и плати на администрацијата. Мислењето дека моите ќе ме заштитат и јас нема да бидам од тие што ќе изгубат служба не е нешто сигурно. Штрајковите со кои ќе се парализира работата на институциите тешко дека ќе промени нешто на подолг рок“, пишува Војо Маневски во „Селектирање“.
Б. Јордановска












