ВЕСТ НА ДЕНОТ
Започна НАТО самитот на министрите за одбрана, Столтенберг ги потврди пораките за Украина
Во Брисел денеска и утре се состануваат министрите за одбрана на земјите членки на НАТО.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг пред почетокот на средбата изјави дека министрите за одбрана на НАТО се среќаваат во критично време поврзано со безбедноста.
На прашањето зошто јавноста треба да верува дека НАТО не е во војна со Русија, генсекот на НАТО одговори дека ниту НАТО, ниту сојузниците на НАТО не се страни во конфликтот.
„Она што го правиме како НАТО сојузници и НАТО е да обезбедиме поддршка за Украина. Украина се брани, треба да разбереме што е ова. Ова е војна на агресија. Претседателот Путин, Русија, нападна суверена, независна, демократска, слободна нација во Европа, Украина. И, се разбира, Украина има право да се брани. Правото на самоодбрана е втемелено во Повелбата на ОН, тоа е дел од меѓународното право. И, се разбира, имаме право да ѝ помогнеме на Украина да го задржи правото на самоодбрана. Значи, НАТО и НАТО сојузниците не се страни во конфликтот, но ние ја поддржуваме Украина во правото на самоодбрана“, дециден беше Столтенберг.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Ќе има можност во иднина своите декларации да ги покаже и во пракса. Тој тоа го најави во петокот кога имавме разговор со него, меѓутоа сакаа да го соопштат самите. Јас очекувам дека нивните функционери веќе во текот на денешниот ден ќе ги поднесат своите оставки. Тука, пред сѐ, мислам на заменик министерот за локална самоуправа. Се надевам дека, како искусен политичар, господинот Трајанов нема да се доведе во ситуација како Мицкоски, да стана заложник на Апасиев и нормално дека ние како Влада, како коалициона Влада и како парламентарно мнозинство остануваме отворени за сите политички партии, за сите поединци и за сите организации кои што се за продолжување на европскиот пат на државата и за полноправно зачленување во ЕУ“, рече премиерот Димитар Ковачевски по повод излегувањето на Демократски сојуз од владината коалиција.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Во изминатите 24 часа во правецот Бахмут се случија вкупно 37 воени судири. Руските војници отвориле оган врз позициите на украинските сили 234 пати, изјави портпаролот на Источната групација на вооружените сили на Украина Серхи Черевати за време на националниот телетон.
*
На руските сили им се даваат наредби да напредуваат во повеќето сектори, но тие не собраа доволно офанзивна борбена моќ на ниту една оска за да постигнат решавачки ефект, соопшти Министерството за одбрана на Обединетото Кралство во последното ажурирање на одбранбеното разузнавање за ситуацијата во Украина
*
Контакт групата за одбрана на Украина ќе ја даде поддршката што им ја вети на украинските бранители со цел да напредуваат за време на пролетната контраофанзива, изјави американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на отворањето на деветтиот состанок на Контакт групата за одбрана на Украина во Рамштајн форматот во Брисел
AL -PRESS
Редакциски избор од албански медиуми: Опозициските протести во Тирана продолжуваат, американската амбасада во Албанија ги предупреди своите граѓани, нови детали од досието Мекгонигал
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЗЕМЈОТРЕС Нов земјотрес со интензитет од 5,7 степени по Рихтеровата скала е регистриран денеска во Романија, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар.
ЕКОНОМИЈА Европската унија ја додаде Русија на својата листа на јурисдикции кои не соработуваат за даночни цели – или на т.н. даночни раеви. Северна Македонија не е веќе на листата на даночни раеви на ЕУ.
ЗДРАВСТВО Фондот за здравствено осигурување (ФЗОРСМ) соопшти дека во претстојните денови постепено ќе се враќаат во функција системите кои неодамна беа хакирани и дека процесот одзема дополнително време, но техничките тимови работат постојано.
ИЗЈАВА Лидерката на ДОМ и пратеничка, Маја Морачанин изјави дека партијата нема да излегува од Владината коалиција и дека одлуката за останување ја оправдува со програмските приоритети кои ги имаат за остварување.
СОЦИЈАЛНА ПРАВДА
Бездомниците во трка со животот во услови на сурова зима и сиромаштија
Последен пат кога беше направено глобално истражување – од страна на Обединетите нации во 2005 година – се проценува дека над 100 милиони луѓе биле бездомници ширум светот. Дури 1,6 милијарди луѓе немаат соодветно домување (Хабитат, 2015). Во 2021 година, Светскиот економски форум објави дека без свој дома има 150 милиони луѓе ширум светот.
Од ова појава не е исклучена ниту Северна Македонија, каде засолниште дават Црвениот крст и институции во рамките на Министерството за труд и социјални работи.
Во Пунктот за бездомници во Момин Поток се згрижени 15 бездомници, а 30 во Прифатниот центарот во Чичино село.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Со кратки но интензивни преговори премиерот Димитар Ковачевски успеа да формира Влада со партии кои ја ставија иднината на земјата пред тесно партиските интереси. Лидерите, партиципиенти во преговорите, ги оставија зад себе суетите и тековните недоразбирања и формираа мнозинство што гарантира функционално Собрание што ќе ги одблокира законите од интерес за граѓаните, а кои беа заглавени од (во најмала рака) инаетот на ВМРО-ДПМНЕ. Инает зад кој можеби стои нешто поголемо и чии корени се некаде надвор од оваа македонска држава“, пишува Љубиша Николовски во „Влада за деблокада“.
Б. Јордановска










