„Пред неколку дена имавме средба со претставник од НАТО, кој дојде во земјата за да ја скенира ситуацијата со капацитетите на институциите кои се вклучени во борбата со сајбер и хибридните напади“, изјави за ЦИВИЛ Медиа министерката за одбрана Славјанка Петровска, која заедно со американската амбасадорка присуствуваа на воената вежба што се одржа денеска во Криволак.
На прашање од ЦИВИЛ Медиа, дали државата побарала помош од НАТО за справување со сајбер и хибридни напади, таа меѓу другото истакна дека „сојузниците се тука за да даваат поддршка и да се помагаат меѓу себе, и дека веќе се разговара со која од земјите членки на Алијансата, ќе развиеме подетална билатерална соработка за адресирање на ова прашање“.
Петровска посочи дека институциите, вклучително и Министерството за одбрана, ги преземаат сите активности за решавање на проблемот.
„Знам дека интересот на јавноста е навистина голем и тоа е оправдано, меѓутоа верувајте дека институциите, вклучително и МО иако не е директно надлежно, преземаме се за да можеме да излеземе во пресрет за брзо разрешување на овој проблем“, изјави министерката Петровска.
Mинистерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на САД, Анџела Агелер денеска го посетија армискиот полигон „Криволак“, каде се изведе вежба со хеликоптери од типот Black Hawk на копнените сили на САД, поддржани од припадници на Армијата на Република Северна Македонијa.
Петровска се заблагодари за поддршката од САД која се гледа и низ бројки – само во последната година САД ја поддржаа македонската одбрана со 137 милиони долари, наменети за проектите за модернизација и опремување на Армијата.
Назми Абдурахмани
Камера и фотографија: Ариан Мехмети