Опозициската Левица на прес конференција објави дека, од сопствени извори во ВМРО-ДПМНЕ, имаат сознанија дека лидерот Христијан Мицкоски и премиерот Димитар Ковачевски имале разговори за прифаѓање на промена на уставот според хрватскиот модел.
До нас пристигнуваат информации од луѓе на високи позиции во ВМРО-ДПМНЕ, за наводни разговори помеѓу Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски, со посредништво на структури од соседна Бугарија, кои кулминираат со најновата понуда за промена на уставот според хрватскиот модел,соопштија од Левица на прес-конференција.
Од Левица обвинија дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку лагата за безболен ‘хрватски модел’ за менување на Уставот, обелоденил дека совршено се вклопува во крајната цел на премиерот Димитар Ковачевски.
Изнесените обвинувања ги демантираа од ВМРО-ДПМНЕ, кое преку соопштение порача дека „ниту имало тајни средби, ниту пак ВМРО-ДПМНЕ разговара за прифаќање на уставните измени под бугарски диктат.
Од таму најавија тужба за клевета против Левица доколку не добијат извинување за лажните тврдења.
Единствените можеби тајни средби се тие на Апасиев кога добива задачи од Богданка Кузеска за посериозни нарачки. Но тоа не го менува фактот дека коалицијата СДС-Левица е јавна и транспарентна“.
И покрај меѓусебните обвинувања, двете партии имаат соработка на локално ниво. Во општина Аеродром советниците на ВМРО-ДПМНЕ го поддржаа предлогот на нивните колеги од Левица кој побараа споменикот на Андон Јанев – Ќосето да биде поставен во паркот во Горно Лисиче во општината.
М. Д.