„Мултикултурализмот е навистина една широка тема и нешто кое не засега сите. Кога зборуваме за односи меѓу заедниците, кога зборуваме за перцепции, надежи , стравови, предизвици и решенија, секој од говорниците, преку свои видувања и свои искуства, веќе го понудија тоа. Она што јас ќе зборувам, ќе биде збир од она што веќе го слушнавме, односно, за потребите, вели Биљана Јордановска од ЦИВИЛ, на конференцијата „Односи меѓу заедниците: Перцепции, надежи и стравови, предизвици и решенија“.
„Сите се согласивме дека во градењето на мултикултурализмот, мултикултурното општество, потребно е разбирање, соработка и почитување. Потребна е посветеност и заедничко дејствување против штетните општествени појави кои ја деградираат не само демократијата во нашата земја, туку и пркоси на фундаменталните човекови права. Потребни се солидарност, меѓусебно помагање и разбирање, наспроти она што за жал, е наше секојдневие , а тоа е нетолеранцијата, дискриминацијата, предрасудите, поделбите. Ќе се сложиме дека во тоа најголема улога имаат медиумите, дезинформациите, пропагандата и говорот на омраза, и секако, секогаш присутниот национализам.“, посочи Јордановска.
„Потребно е да развиеме свест, како граѓани, во негувањето, почитта и разбирањето на различностите, дека ни е потребна секојдневна комуникација, размена на знаења и искуства, но и тие сознанија да ги пренесеме на младите генерации. Кога сме кај младите генерации, треба да ни е јасно дека едукацијата пред се треба да дојде од семејството, заедниците и образовните институции, граѓанското општество и медиумите, како најповикани за спроведување на тие програми за потребата од изградба на толерантно, инклузивно и мирољубиво општество, во коешто различностите ќе ги гледаме како придобивка и како благодат.“
Јордановска се осврна и на улогата на политичките партии, на чиишто изборни програми како и обично ќе се најдат наративи кои ќе одговараат на концептот на мултикултурализмот и сите негови сегменти, да го промовираат тоа кај младата генерација.
Д. Тахири
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Горан Наумовски