Конференцијата „Односи меѓу заедниците: Перцепции, надежи и стравови, предизвици и решенија“ во организација на ЦИВИЛ-Центар за Слобода, опфаќа низа општествено-политичките аспекти на односите меѓу заедниците, мултикултурализмот и европските вредности. Настанот се одржува и во контекст на Светскиот ден на различностите, 21 мај.
Претседателот Стево Пендаровски, се осврна на соживотот. Различностите се наше најголемо богатство без разлика на етничката или верската припадност.
„Функционална демократија овозможува хармонизација на односите меѓу заедниците.
Демократијата не може да се сведе само на денот на гласањето на изборите. Европските интеграции се важни за Западен Балкан. Европските интеграции се единствената противтежа кон они што сакаат да не разделат едни од други.
Ние сме позитивен пример не само во регионот, туку и пошироко. Немаме луксуз да живееме на стара слава. Ни треба поголема политичка вклученост за подобрување на помалкубројните етнички заедници.
Внесувањето на други етнички заедници во Уставот, вклучитело и Бугарите нема да ја разниша нашата држава“, рече Пендаровски.
Националниот координатор за мултикултурализам, Роберт Алаѓозовски, истакна дека нашата земја води активно учество за подобрување на Европа и целиот свет.
„Демократијата и човековите права не се остваруваат еднаш и засекогаш. За жал кај нас имаме етнонационалистички политики кои го нарушуваат соживотот.
Во институциите вложуваме средстава за подобрување на мултикултурализмот. Особено во образованието, културата и младите.
Ова конференција е пример за граѓанско учество.
Сите извештаи покажуваат напредок, но се уште имаме предизвици со сегрегацијата во училиштата. Централна и локалната власт треба заеднички да соработуваат и да ја отстранат сегрегацијата“, рече Алаѓозовски.
Почесниот конзул на Големото Војводство Луксембург, Петар Арсовски, вели дека Северна Македонија е пример за мултикултурализам и дека треба да се продолжи по тој пат.
„Нашиот капацитет е да ги концепираме разлиностите како предност, а не како хендикеп“.
Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала вели дека перцепцијата за „различните“ или „другите“, што и да подразбираат тие поими, во несигурен и поларизиран свет во кој се води голема војна во Европа, неизбежно и се повеќе е заснована на омаловажување и недоверба. Центрите на моќта кои се во војна за уништување на вредностите што се подразбираат под демократија и човекови права и слободи, долго време ја водат таа војна за уништување на тие вредности.
„Последица на тоа се општества кои се поларизирани и во кои перцепцијата за другите е пропорционална со нивото и интензитетот на поларизација и контаминација со длабоко вкоренети предрасуди и стереотипи, кои лесно прераснуваат во презир, нетрпеливост, омраза и отворено насилство.
Другите не се вредни (дури ни истиот воздух да го дишат со нас), но затоа сакаат да го грабнат и уништат тоа што е наше. А тоа што е наше е свето, највредно од сите, ни припаѓа само нам. Сме го стекнале низ вековите со страдалничка борба и крвави жртви.
Другите не можат да бидат наши соседи и партнери, бидејќи секогаш, колку и да не изгледа така, длабоко во нив тлее желбата да нѐ уништат и да го земат тоа што е наше. Иако се прости и безвредни битија, без оглед на тоа дали се или не се помалубројни, тие поседуваат способност да коваат заговори против нас и да ни ги преземат главните лостови на моќта и постојано се обидуваат да завладеат со нас.
Едноставно, ние секогаш сме жртви на другите. Тоа е таа постојана епска разиграност на горчината, самосожалувањето и презирот. Која секогаш е на границата да се претвори во милитантна омраза“, вели Дерала.
Тој додава дека дури и кога сме прогресивни, па решаваме да ги прифатиме различните од нас, ние тоа го правиме затоа што сме благородни, сомилосни и големи, секако и повредни од нив, различните. Па кога би биле исто толку вредни како нас, не би биле различни, зарем не?
Пратеничката Санела Шкријељ, вели дека мултикултурализмот се соочува со предизвици.
„Под различности не спаѓаат само етничките групи, туку сите суб-групи кои имаат повеќе идентитети. Нашите идентите се градат во интеракција со различностите. Нашиот идентитет не може да е загрозен туку може да е зацврстен кон патот кон Европската унија.
Според едно неодамнешно истрашување покажа дека имаме проблеми да живееме едно со други, или да живееме во близина на некои одредени групи.
Политичарите го јакнат национализмот. Политичарите во своите говори на конференции се залагаат за мултикултурализмот, но дали по завршување на конференцијата навистина се залагаат за тоа?
Во образованието се вклучени изучување на јазикот и културата на другите. Ние возрасните треба да се запрашаме дали навистина ги учиме нашите деца на вистинските вредности и почитување на различностите“, рече Шкријељ.
Заменик директорот на АОПЗ, Џелал Хоџиќ, се обрати на конференцијата „Односи меѓу заедниците: Перцепции, надежи и стравови, предизвици и решенија“ во организација на ЦИВИЛ-Центар за Слобода.
Тој нагласи дека Република Северна Македонија по својата природа е мултиетничка.
Хоџиќ потсети дека во првата деценија од независноста имавме дебата дека Македонија е на Македонците или на сите нејзини граѓани, а веќе 20 години после Рамковниот договор имаме една друга дебата, која не треба да ја игнорираме, дали Македонија во пракса станува бинационална држава или треба да се почитува тоа што е нејзина суштина дека е мултикултурно општество
Она што не погодува сите е иселувањето. Тоа ги погодува сите граѓани, сите семејства, вклучително сите етнички заедници, вели Хоџиќ.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, истакна дека Куманово е мултиетничка и мултиверска општина која сака да гради мултикултурно општество.
„За наша среќа или несреќа Уставот е сменет 8 пати како да е обичен тефтер. Тоа го прават само мали и кревки држави кои лутаат.
Ние во Куманово ја имаме една од најактивните комисии за меѓуетнички односи. Во Куманово имаат право сите да се обраќаат на својот мајчин јазик. Во нашата општина имаме 9 етнички заедници.
Во мојата канцеларија има знаме на бугарската етничка заедница. Јас верувам во концептот „нема правда нема мир“. Ние имаме биетнички концепт“, рече Димитриевски.
Димитриевски изрази жалење поради тоа што во Советот на неговата општина, вели дека претставници на етнички заедници и политички партии, како пример ги посочи советниците на ДУИ, кои како што рече често знаат да се изразат немултикултурно туку обратно, велејќи дека “нас нè интересираат само прашања на теми каде што живеат и ги засегаат Албанците, секако додаде Димитриевски таквата артикулација не води кон нашите заеднички цели за подеднаква грижа за сите…
Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, вели дека Чаир е Северна Македонија во мало и дека тоа е големо богатство.
„Во училиштата немаме етнички проблеми, нашите училишта се мултиетнички. Турскиот и бошњачкиот јазик се имплементира како официјален јазик во општина Чаир и покрај тоа што законски не им следува. За тоа имаше консензус и сите политички партии и етнички групи се согласија на тоа.
Ние славиме и Велигден и Бајрам, вработените заеднички го прославуваат.
Во Старата скопска чаршија може да се најдат сите култури каде што граѓаните се дружат, пијат кафе, чај, како и дека поголемиот дел од граѓаните од таму го вадат лебот. Работиме на тоа да го вратиме сјајот на Скопската чаршија и на тој начин ќе го зголемиме присуството на туристите.
Одлично соработуваме и со општините со кои граничиме, но исто така имаме прекугранични соработки“, рече Ганиу.
Претседателот на ИМА, Петрит Сарачини, вели дека добрите односи меѓу заедниците со од круциално значење за безбедноста на нашата држава.
„Мозаикот од различности се битни за развојот на нашата држава.
Во медиумите се објавуваат разни актери кои доаѓаат од политичките партии кои креираа(т) поделби во општеството.
Имаме политички партии кои креираат наративи на етнонационализам и поделби“, рече Сарачини.
Тој се осврна на инцидентите на спортските натпревари, за веењето на албанското знаме и други теми за кои различно известуваа македонските и албанските медиуми, додавајќи ‘како да се работи за две вистини’.
„Правда и еднаквост мора да има за секого“, истакна Сарачини.
Универзитетската професорка Ана Чупеска нашиот политички систем нормативно е така поставен што ги апсорбира потребите на етничките заедници и преку колективните и преку индивидуалните парава.
Тоа и во нашиот устав е така дефинирано и тоа го сметам за голема предност дури во однос и на некои други држави што ги дефинираме како современи и демократски. Во таа смисла нашиот политички систем, нашиот поредок во однос на етничките права и нивните гаранции можеме да го дефинираме како авагарден, нагласи Чупеска.
За актуелните случувања во врска со потребата од уставните промени, а како услов за нашите ЕУ интеграции, со внесувањето и на Бугарите во Уставот, Чупеска вели дека нема да се случи ништо страшно.
Но, доколку пак ако тоа не го направиме, дефакто ќе си ја запечатиме нашата европска перспектива и тоа ќе си го сториме самите на себе, нагласува Чупеска.
Новинарот Марјан Николовски вели не разликуваме што е национален а што етнички идентитет.
„Медиумите се силен инструмент за ширење на мултикултурализмот. Во моментов новинарството е во криза. Конструктивното новинарството треба да се занимава со давање на решенија на проблемите.
Луѓето сакаат да гледаат позитивни примери каде што граѓаните живеат и соработуваат меѓу себе. Тоа го покажаа анализите од емисијата „На иста страна“.
Не може да се градат политички поени врз база на картата на различностите“, вели Николовски.
Новинарот Љубиша Николовски вели дека мултикултурализмот мора да се доживее лично.
„Политиката го расипа колективот. Знамињата најмногу се поставуваат во сиромашни средини“.
Доајенот на македонското новинарство, Зоран Иванов вели дека со национализмот мора да се расчисти, истакнувајќи – секој да си го исчисти својот двор.
На конференцијата се обратија и ЦИВИЛ-ите Биљана Јордановска, Дехран Муратов, Драган Мишев. Модераторка на настанот е Дијана Тахири.
Конференцијата е дел од проектот „Заедно за подобра иднина“ посветен на промоцијата на мултикултурализмот и европските вредности што го спроведува ЦИВИЛ со поддршка од Министерството за надворешни и европски работи на Големото Војводство Луксембург.