ВЕСТ НА ДЕНОТ
ОЈО оформи предмет за Данела Арсовска за незаконско назначување директор на МКЦ
Откако програмскиот колегиум на МКЦ ја доби и втората тужба против градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, со правосилна одлука на Управниот суд, Основното јавно обвинителство оформи предмет.
Одлуката на Управниот суд е правосилна и против неа Арсовска нема право на жалба, а од Програмскиот колегиум велат дека имаат право да ги поништат сите одлуките, донесени од Алексов.
ИЗЈАВА НАДЕНОТ
Фриден: ЕУ мора да посвети внимание на тоа што се случува во регионот
„Европа е континент на мир, стабилност и просперитет и затоа е многу важно да се осигураме дека нема ги изгубиме луѓето од Западниот Балкан и ЕУ мора да посвети внимание на тоа што се случува во регионот.
Тие луѓе со години чекаат да се придружат на Европската Унија. Тие нема да ни се придружат утре, но преговорите им даваат надеж. Тоа е елементот што ги поттикнува реформите во овие земји и верувам дека на среден рок сите овие земји треба да се придружат на ЕУ“, изјави денеска луксембуршкиот премиер Лук Фриден при пристигнувањето на Самитот на ЕУ.
ФЛЕШ ВЕСТИ
КАНДИДАТУРИ Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница едногласно ги потврди кандидатурите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година поднесени од Стево Пендаровски поддржан од СДСМ, Стевче Јакимовски поддржан од ГРОМ, Максим Димитриевски од партијата ЗНАМ, Арбен Таравари од албанската опозициска коалиција Вреди, Билјана Ванковска Цветковска од Левица, Бујар Османи од ДУИ и Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ.
ДЕБАТИ Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, кој ќе се трка за втор мандат на изборите на 24 април ги кани неговите шестмина противкандидати на две мастер дебати, кои би се одржале на почеток и на крајот од изборната кампања, која почнува на 4 април.
ИЗБОРИ Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права – ОДИХР, по покана од властите во земјава денеска ја отвори набљудувачката мисија за претседателските и парламентарните избори кои ќе се одржат на 24 април, односно на 8 мај.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
- Поддршката за Украина во справување со руската воена агресија, ситуацијата на Блискиот Исток, проширувањето на Унијата, безбедност, одбрана и надворешните односи на ЕУ, прашањата поврзани со миграцијата и земјоделството, како и рамката за социо-економските политики на блокот за 2024 година, ќе бидат главни теми на дводневниот Самит на Европската Унија што ќе се одржи денеска и утре во Брисел.
- Од утрово нема руски воени бродови во водите на Азовското и Црното Море, објавија на Фејсбук поморските сили на Украина. Во Средоземното Море, Русија чува два брода, вклучително и еден носач на крстаречки ракети „Калибар“ со вкупно салво до осум ракети.
- Масивен ракетен напад врз Кијив, повредени, уништени станбени згради, училишта, градинки, рускиот терор продолжува
ДЕЗИНФОРМАЦИИ
Говор на омраза, ситење и дезинформации за Мирко Попов откако заврши во болница
Експлицитен говор на омраза и ситење на партиските ботови откако познатиот автор и продуцент на електронска музика Мирко Попов доби мозочен удар и се бори за својот живот во Клиниката за реанимација и интензивно лекување на скопските клиники.
КОНФЛИКТИ
- Израел достави писмени гаранции до Вашингтон дека оружјето што му го дадоа САД не се користи во Појасот Газа со што би се кршело меѓународното хуманитарно право.
- Соединетите Американски Држави подготвија нацрт-резолуција за Советот за безбедност на ОН со која се повикува на „итен прекин на огнот поврзан со ослободување на заложниците“ во Појасот Газа, изјави државниот секретар Антони Блинкен.
- Во израелските напади врз Газа во изминатото деноноќие загинаа уште 65 Палестинци, билансот порасна на 31.988
СЛОБОДНА ЗОНА
„Да се промени мислењето и ставот, па дури и политичката ориентација – не е срамен чин, ако се следат чувството на праведност и вербата во демократските вредности. А особено ако некој сака да ги постави јавниот интерес или безбедноста на државата пред лојалноста кон една личност која е закана за фундаментите на демократијата и државните интереси.“, пишува Џабир Дерала во колумната „МОЌТА НА ТРАНСФОРМАЦИЈАТА: Предавници или шампиони на вредностите?“.
„Нема сомнение дека една од последните задачи кои ги имаше Иванов како претседател после симнувањето на Груевски од власта, беше да „регрутира“ партиски профилиран човек од редовите на униформираните, во војската, каде имаше надлежност. Изборот беше – Драган Ковачки, кој доби висока позиција.“, пишува Љубомир Костовски во колумната „НИТУ ГЕНЕРАЛ, НИТУ МИНИСТЕР: Драган Ковачки, ефикасен само како бегалец од судски соочувања“.
Подготви: Д. Тахири