Собранието на Северна Македонија ја усвои Декларацијата за четвртата годишнина од членството во НАТО и 75 години од формирањето на Алијансата
Собранието денеска ја донесе Декларацијата за одбележување на четвртата годишнина од членството на Република Северна Македонија во НАТО и 75 години од формирањето на Алијансата во рамките на 149. седница.
Претседателот и подносител Јован Митрески, нагласи дека со донесувањето на Декларацијата ја потврдуваат определбата за давање сериозен и значаен придонес во обезбедувањето на регионалниот, но и на светскиот мир и стабилност. Четири години по зачленувањето во Алијансата, заклучи дека донесените одлуки на патот за членството, биле тешки, но вределе.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Рикер: НАТО е безбедност и стабилност, а ЕУ може да обезбеди просперитет
НАТО обезбедува безбедност и стабилност, а ЕУ може да обезбеди просперитет. Иднината на земјата е во Унијата. Процесот е тежок и фрустрирачки, понекогаш може да биде и разочарувачки, сте го поминале сето тоа, но јасно е дека тоа е најдобриот исход, порача синоќа поранешниот американски амбасадор во Скопје Филип Рикер.
Вие ќе останете суверена држава, но правите прилагодувања за да се движите напред и да бидете дел од нешто што е поголемо и дава гаранции за подобра иднина на земјата и на генерациите кои доаѓаат. Се работи за млада европска земја, која има долга историја и дури од времето на Бизмарк кога се зборувало за важноста на македонското прашање, да се донесе стабилност на Балканот. Го имаме одговорот на тоа прашање – демократска, мултиетничка интегрирана земја во НАТО и ЕУ, истакна Рикер.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПССЕ Предизборна делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), која ја заврши посетата на Северна Македонија во периодот од 25 до 28 март, оценува дека периодот пред изборите е стабилен и се очекува изборите да ги исполнат демократските стандарди.
МАСТЕР ДЕБАТА Изборните штабови на претседателските кандидати во земјава постигнале начелен договор за одржување на мастер дебата на неутрален терен, со неутрални модератори, која ја предложи актуелниот шеф на државата, Стево Пендаровски, кој ќе трка за уште еден мандат на претстојните избори.
СОБРАНИЕ Најдоцна до 28 мај треба да биде свикана конститутивната седница на идниот парламентарен состав, согласно новиот Деловник на Собранието. Седницата ќе трае најмногу три дена, а треба да ја свика сегашниот претседател на Собранието Јован Митрески.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
- На онлајн брифингот за повеќе од 100 светски медиуми, министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, ја истакна итната потреба на Украина за што е можно повеќе проектили од типот Патриот, како и слични системи за противвоздушна одбрана, бидејќи земјата се соочува со интензивни воздушни напади од рускиот агресор. На пресот, министерот Кулеба одговори на повеќе прашања, меѓу кои првите две прашања дојдоа од медиумската платформа на ЦИВИЛ.
-
- Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека мирот во Украина е можен во секој момент доколку рускиот претседател Владимир Путин ја прекине својата, како што наведе, „варварска“ кампања и ги повлече војниците.
ИЗБОРНА ХРОНИКА
Се финализираат коалициите пред почетокот на изборните кампањи; Гласањето за претседателските избори ќе се спроведе во 31 ДКП
ЦИВИЛ ЕДУКАЦИЈА: Сѐ што треба да знаете за изборниот процес, правото на глас и дезинформациите
Како се гласа? Кој се грижи за законитоста на изборниот процес? Кои се вашите права како гласачи? Што може да се прави, а што е забрането за време на изборниот молк? Што се случува со вашето гласачко ливче откако ќе ја изразите вашата гласачка волја? Што се дезинформации? Што е тролање? Како се дефинира говорот на омразата?
ЦИВИЛ одговара на овие и на низа други прашањата со години наназад, во деновите пред почетокот и за време на изборните кампањи. Така и во пресрет на Изборите 2024, ЦИВИЛ им излегува во пресрет на граѓанките и граѓаните со информации за сите прашања поврзани со изборите.
АЛ-ПРЕС
Редакциски избор од албански медиуми во регионот: Судот во Стразбур одлучи албанската влада да ги обештети семејствата на жртвите од Грдец; Одобрен Извештајот за членството на Косово во Советот на Европа
СЛОБОДНА ЗОНА
„Време е да се спроведе една анкета за анкетарите односно колку народот верува во анкетите на јавното мислење, бидејќи како што се ближат изборите сѐ повеќе ќе се објавуваат „еднострани“ и фаворизирачки резултати.
Последните објавени резултати од анкетата на ИПИС (Институтот за политички истражувања) на познатиот аналитичар Владимир Божиновски наместо да даваат објективна слика за расположението на гласачкото тело пред избори, создадоа конфузија. Во делот на албанскиот политички блок, сигурно.“, пишува Авторот Сефер Тахири во колумната „Фалична анкета“.
Подготви: Д. Тахири