Наративите за „албанизација“, „бугаризација“ и „демакедонизација“ кои беа користени од дел од политичките партии за мобилизација на гласачкото тело во предизборната кампања, придонесоа за продлабочување на етничката поларизација, истакна Жарко Трајаноски на промоцијата на публикацијата „Етничка поларизација во медиумите и јавната комуникација за време на изборните процеси (анализи)“ на Институтот за медиуми и аналитика ИМА.
Еден од најсериозните наративи во предизборието кој придонесе за продлабочување на етничката поларизација е наративот против „албанизација“ на земјата, кој доживеа одредена трансформација, особено во јавната комуникација на Левица, пренесувана од повеќе медиуми.
„Ако, да речеме тој наратив беше искористен првично против ДУИ и СДСМ како носители на власта, подоцна тој наратив беше користен и се трансформираше како наратив, пред сè од страна на Левица, насочен против ВМРО-ДПМНЕ…Имаше такви пораки од страна на Левица – „глас за ВМРО-ДПМНЕ е глас за албанизацијата во Македонија.“ Значи, беше користен против повеќе политички субјекти во земјата, меѓутоа и преименуван. Да речеме, после извесно време Левица не го користеа толку зборот „албанизација“, туку „косоваризација“ и „косовизација“, главно насочен против албанската опозиција и ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Трајаноски.
Како што објасни тој, овие наративи не се само тука кај нас, туку излегуваат од границите на земјата. „Овој наратив за ‘косоваризација’ и ‘косовизација’ беше зајакнат не само од македонски медиуми, туку и од српски медиуми. Дури и „Политика“ го презема, со наслов дека на Македонија и се заканува ‘косовизација’. Ја зајакна едноставно таа порака на Левица за свои сопствени поларизациски цели“, посочи Трајаноски.
Осврнувајќи се на наративот за „бугаризација“, Трајаноски потсети дека ИМА ја анализираше неговата употреба во 2022 година, кога беше доминантен наратив на повеќе политички субјекти против т.н „француски предлог“ и преговарачката рамка по започнувањето на преговорите со ЕУ. „Меѓутоа, овој наратив почна повторно да го користи Левица во контекстот на изборите 2024, дури и се себепромовираше како единствената партија која што се бори против ‘бугаризацијата’ во Македонија. И тоа е затоа што, на некој начин, ВМРО-ДПМНЕ го трансформираше својот наратив против францускиот предлог и преговарачката рамка, која што прекина да го користи терминот ‘бугаризација’ и почна да зборува против ‘бугарски диктат’“, укажа Трајаноски.
Според него, интересно е што тој дискурс против „бугаризација“, којшто беше користен пред сè од Левица, беше исто така проследен со еден дискурс за „демакедонизација“, којшто стана во еден момент и официјална платформа на МАНУ.
„Ако се сеќавате, во 2022 година, тогашниот претседател на МАНУ кажа дека тоа било света должност на МАНУ, на едно собрание на МАНУ, да се бори против тие процеси на „демакедонизација“ кои што ги поврзуваше со Преспанскиот договор, францускиот предлог и преговарачката рамка. Така што, сите овие дискурси, на некој начин, не беа само политички, туку еве, беа и научно верификувани од нашата најголема и најзначајна академска и научна институција како што е МАНУ“, рече Трајаноски.
„Значи, имаме трансформација на овие наративи, меѓутоа она што им е заедничко е дека станува збор за етноцентрични наративи…Сите тие придонесуваа за продлабочување на етничката поларизација и за едно политичко милје во 2024 година, каде што етноцентричните наративи беа крајно изразени во политичката битка и беа користени за мобилизација на гласачкото тело и за една афективна поларизација,“ заклучи Трајаноски.
Трајаноски ги презентираше овие наоди на панел-дискусијата и промоција на публикација на ИМА: „Етничката поларизација во медиумите и јавната комуникација за време на изборните процеси“, која се одржа во Europe House во Скопје, на која говореа и авторите проф. д-р Мирјана Малеска и проф. д-р Сефер Тахири. Цел на анализите на авторите е да ги детектираат главните наративи и модели на етничка поларизација во медиумското известување и јавната комуникација на учесниците во изборните процеси во земјава, како и да укажат на можни решенија за намалување на штетите од етничката поларизација на општеството.
Извор: ИМА