ЦИВИЛ – Центар за слобода остро реагираше на вчерашното обраќање на претседателот Ѓорге Иванов. Во соопштението на ЦИВИЛ се вели дека Иванов, со неговата одлука да не го предаде мандатот на Зоран Заев, го прегазил Уставот на Република Македонија и самиот се дисквалификувал од политичката сцена.
„Иванов не го даде мандатот за формирање влада на опозицијата која собра 67 потписи од избраните членови на парламентот. Притоа, тој ја обвини опозицијата за велепредавство и се закани со кривични пријави. Исто така, Иванов изнесе низа нови обвиненија и закани против меѓународната заедница. Со својот настап, тој го одобри и охрабри насилството на кое сме сведоци овие денови. Накратко, Иванов со своето обраќање не понуди решение, туку го прегази Уставот и ја продлабочи политичката криза во Република Македонија“, реагира ЦИВИЛ.
Во своето соопштение, ЦИВИЛ ги повикува пратениците да ги искористат уставните и законски можности, да го отворат парламентот, да го ефектуираат своето мнозинство и да изгласаат влада.
ЦИВИЛ реагира и на нелогичниот настап на Иванов пред јавноста.
„Иванов со ниеден збор не го осуди насилството против новинарите и случајните минувачи за време на протестите кои ги организираат приврзаниците на власта во заминување. Наместо тоа, тој си дозволи уште еден нелогичен настап пред јавноста“, стои во соопштението.