Судот на Босна и Херцеговина денеска потврди дека на лидерот на босанските Срби Милорад Додик му била испратена писмена копија од пресудата со која е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност, па тој и неговата одбрана сега имаат 15 дена да поднесат жалба, пренесе Н1.
Како што се наведува во соопштението на судот, пресудата, донесена на 26 февруари, на адресата на Додик била испратена во понеделникот. Доколку Додик не поднесе жалба во законскиот рок, пресудата автоматски ќе стане правосилна, а тој потоа има избор да оди во затвор или да побара од судот да му одобри откуп на казната за околу 18 илјади евра.
Во Босна и Херцеговина, законски е можно да се откупи казна до една година затвор по цена од 100 конвертибилни марки (50 евра) дневно, но судот може или не може да го дозволи тоа.
Додик беше осуден откако беше прогласен за виновен за кривичното дело непримена на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница, а покрај затворската казна, му беше изречена забрана за вршење на функцијата претседател на Република Српска како и на која било друга избрана функција во период од шест години.
Веднаш по изрекувањето на пресудата изјави дека не планира да се жали, но конечната одлука за неа ја остава на бранителите. Потоа, адвокатот Горан Бубиќ и Анто Нобило, кој беше член на одбраната, односно правен советник, дадоа контрадикторни изјави од кои можеше да се заклучи дека и тие не се сигурни што да прават.
Д. Т.