„Метак во глава само за тебе“, гласи заканувачкиот коментар на извесна Маја Врљковиќ кој го упати до новинарот и соработник на ЦИВИЛ Медиа, Љубомир Костовски.
Таа му искоментира на текстот што го објави на својот Фејсбук профил со наслов: ЗOШТО 15-ТИ МАРТ НЕ МОЖЕШЕ ДА БИДЕ 5 ОКТОМВРИ?
„Си дозволивме двајца диктатори за 30 години. Тоа е суштината на нашиот проблем. Не постои брз лек за тоа. И затоа 15 март не може да биде 5 октомври. Затоа што 5-ти октомври сега не е доволен. Мора да биде побавно, мора да биде попаметно. Мора да биде потемелно. Вчера не беше крајот, бидејќи ова е само почеток“, објави Костовски на 30 март на својот Фејсбук профил.
Повеќе тој коментар не постои, бидејќи пред неколку дена беше пријавен на Фејсбук, денес напладне стигна одговор дека го избришале коментарот од текстот и се заблагодарија за пријавата.
Фејсбук профилот Маја Врљковиќ е добро познат на Редакцијата и на Mониторинг тимот на ЦИВИЛ, бидејќи постојано коментира со навредливи и заканувачки пораки на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ, а најексплицитен заканувачки коментар и беше кога упати заканувачки коментар со убиство кон претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала. На објавата на линк од текст за прес конференцијата на ЦИВИЛ за изборниот мониторинг на Фејсбук профилот на Новатв.мк, од профилот „Маја Врљковиќ“ беше напишан коментар:
„Во овие услови само за метак у глава на Дерала може да се говори“.
Ова е повод уште еднаш да се проговори за жестокиот говор на омраза и заканите што со години се упатуваат на адреса на членови на ЦИВИЛ како организација или до новинарската екипа при ЦИВИЛ Медиа или до соработниците.
ЦИВИЛ очекува од надлежните институции по допрен глас да реагираат и соодветно да постапат кон ваквите профили на социјалните мрежи кои шират говор на омраза, нетрпеливост и кои поттикнуваат дела од омраза.
ЦДМТ