Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, со остри критики кон градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска: „Во Чаир има многу работа, не е време за ПР сцени“.
Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, на вчерашниот настан пред општината, откривање на споменик за страдањето на Украинците за време на Глодоморот, одговори на обвинувањата од страна на скопската градоначалничка Данела Арсовска, која претходно денот го започна со видео во живо на Фејсбук, обвинувајќи го Ганиу за дозволување на дивоградба на државно земјиште.
„Мило ми е што по три и пол години, конечно, Арсовска стапна во Чаир. Вие медиумите сте сведоци дека со денови барам градскиот инспекторат да дојде на увид, но никаков одговор не добивме“, изјави Ганиу.
Тој потенцираше дека проблемите со комуналната хигиена и отстранувањето на отпадот се хронични и дека општината иницирала активности кои, според него, биле блокирани од Град Скопје.
„Без никаков ПР, без критики, се обидовме да помогнеме, но нашите инспектори беа избркани. Арсовска три години не организирала состанок со нас градоначалниците, и сега ме повикува од тротоар да разговараме – тоа е под секое ниво“, додаде тој.
Ганиу ја обвини Арсовска за оркестрирана медиумска кампања и политичка пресметка, алудирајќи дека нејзиното вчерашно излегување е директна реакција на неговата прес-конференција од пред неколку дена.
„Добив видео записи од граѓани – претходно таму имало шест контејнери, денес има само три. ЈП Комунална хигиена вчера дојде, испразни два, а остави еден полн контејнер. Наместо да се решаваат проблемите, се обидуваат да нè оцрнат“, истакна Ганиу.
Во врска со конфискуваниот камион за смет, Ганиу појасни дека се работи за возило на приватна компанија со која општината има договор за собирање на отпадот, а што понатаму се случило со возилото – сè уште не е познато.
На обвинувањата дека неговите советници не гласале за точка која би овозможила ЈП Комуналец да работи во полн капацитет, Ганиу категорично негираше.
„Нашите граѓани плаќаат даноци, и претпријатието мора да работи со тие средства. Денес, наместо 530 контејнери, имаме само 320, вкупно 210 се отстранети. Тоа не е дело на нашите советници, туку на политиката на Арсовска“, подвлече тој.
На прашањето дали повторно ќе се кандидира за градоначалник на Чаир, Ганиу одговори дипломатски – „За тоа одлучува нашиот политички субјект „ВЛЕН“. Ќе ја почитуваме секоја нивна одлука“.
А.М.