Првиот вицепремиер на Владата, Изет Меџити, пред состанокот на коалицијата Вреди истакна дека за министер за здравство ќе го предложи Азир Алиу, додека Арбен Фетаи ќе остане заменик-претседател на Владата за добро владеење.
Алиу е поранешен министер за информатичко општество и администрација, а беше кадар на поделената Алијанса за Албанците од крилото на поранешниот министер за здравство Арбен Таравари. По одлуката на Тарвари да излезе од Владата и коалицијата, тој го напушти.
Азир Алиу е роден 15 април 1976 година, во Гостивар. Тој е дипломиран инженер по електротехника. Дипломирал на Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде и магистрирал електротехника. Интересот за науката го продолжува на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде се стекнува со звањето доктор по информатички науки.
Работното искуство во наставата му е фокусирано на: Вештачка интелигенција; архитектура на компјутерските системи; формални јазици и автомати; анализа на податоци; Алиу има и големо искуство со проектно менаџирање и научно-истражувачка работа во државава и во странство.
М. Д.