ВЕСТ НА ДЕНОТ
ЦИВИЛ: Три децении по Сребреница, гласно против молкот и негирањето
По повод 30 години од геноцидот во Сребреница, ЦИВИЛ Центар за слобода нагласува дека Сребреница не е само симбол на страдање. Таа е нем сведок на човечката суровост, но и на човечката тишина. Сребреница е потсетник на тоа што се случува кога омразата ќе надвладее, а светот ќе го сврти погледот настрана.
Како граѓанска организација која се залага за слобода, човекови права, правда и мир, ние денес се сеќаваме. Се поклонуваме пред жртвите и изразуваме длабока солидарност со нивните семејства. Нивната болка е и наша болка. Нивниот крик е повик до целото човештво – да не дозволи мракот на омразата, национализмот и насилството никогаш повеќе да завладее.
Сребреница не е минато. Таа е жива рана и потсетник на нашата должност – да зборуваме, да се спротивставуваме на секоја форма на негирање, релативизирање и заборавање.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Убиен е Агим Мухареми, припадник на АРМ, во скопско Батинци додека користел слободен ден
„Денеска (11.07.2025) околу 10:15 часот во СВР Скопје, М.Е. пријавил дека на влезот на с.Батинци, скопско, М.Џ. пукал со огнено оружје кон патничко возило „Киа“ кое било во движење. А.М.(50) се здобил со прострелни рани во пределот на градниот кош и бил пренесен во ГОБ„Св Наум Охридски“ за укажување на лекарска помош, каде во 11.00 часот од страна на доктор била констатирана смрт“, велат од МВР за ЦИВИЛ Медиа.
РЕГИОН
Денес, целиот свет ќе застане за момент за да се сети на невините жртви на злосторството над злосторствата – геноцидот во Сребреница што се случи пред точно 30 години, пред целиот свет. Во Меморијалниот центар на Сребреница – Поточари, денес ќе се одржи програма по повод 30-годишнината од геноцидот во „Безбедносната зона на ОН“ во Сребреница. Исто така, ќе бидат погребани останките на 7 жртви од геноцидот извршен во 1995 година во Сребреница.
СВЕТ
Борците на ПКК почнаа со церемонијално предавање на оружјето во Ирак
Борците на Курдска работничка партија (ПКК) денеска церемонијално почнаа да го предаваат оружјето во северниот ирачки град Сулејманија. Неколку часа пред почетокот на церемонијата, локалните власти соопштија дека собориле два дрона во близина на позициите на ПКК.
АЛ-ПРЕС
Во Косово се продлабочува политичката криза со конституирањето на собранието, кое не успеа ниту денеска, по 45-ти пат. Граѓанското општество повторно протестира пред собранието, со барања што побргу да се реши кризата, пишуваат косовските медиуми.
Во Албанија, откако парламентот одобри национална стратегија за борба против странското мешање и дезинформациите, опозицијата тврди дека таа би можела да се користи против домашните медиуми кои ги разоткриваат владините неуспеси, пренесуваат албанските медиуми.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Не знам за вас, ама јас олку национал-идентитетски горд не сум се чувствувал никогаш. Еве, не знам што да правам со гордосва од радости. Ми иди да ја пратам гордосва да ги изгаси сите пожари, да ги зголеми платите, да ги намали цените, да го воскресне здравството и образованието…
Ама пак, од друга страна, не ќе си ја мачам гордоста со простосмртни работи“, пишува Јане Ѓорѓиоски во колумната „Гордоста ми удри во чело – и ми извади око“.
Д. Муратов