Кумановската полиција презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот во врска со кошаркарскиот натпревар кој се одржа на 2 август во спортската сала, соопшти денеска СВР Куманово. Од полицијата информираат дека се повикани лица со кои бил извршен службен разговор, а во координација со обвинителството ќе бидат преземани конкретни чекори.
– СВР Куманово ја информира јавноста во врска со кошаркарскиот натпревар што се одржа на 2 август 2025 година во градската спортска сала, каде што беа снимени скандирања со навредлива содржина од страна на дел од гледачите, дека се преземаат оперативни мерки за целосно расчистување на настанот. Вчера, во СВР Куманово биле повикани неколку осомничени лица со кои бил извршен службен разговор и по извршени анализи во координација со Јавниот обвинител, ќе бидат преземени конкретни законски мерки против вклучените лица, вклучително и кривични постапки, стои вбо соопштението.
Вчера и Основното јавно обвинителство Куманово информираше дека постапува.
-До СВР Куманово издаде повеќе наредби и насоки за испитување елементи на кривично дело при скандирањата кои содржеа говор на омраза од засега непознати лица на вчерашниот кошаркарски натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија, информираа вчера од ЈОРСМ.
Од обвинителството вечра соопштија дека е издадена наредба и за обезбедување на снимките од видеонадзор со цел идентификација на евентуални сторители.
Општина Куманово вчера ги осуди навредливите скандирања на група поединци на натпреварот помеѓу Македонија и Романија. Оттаму кажаа дека на спортските терени нема и не смее да има место за ширење на национализам и меѓуетничка нетрпеливост.