Државната комисија за спречување на корупцијата на 21. седница ја избра Цвета Ристовска за заменик претседател.
Ристовска ја презема функцијата од Билјана Каракашова Шулев на 21 август и ќе има мандат од шест месеци.
Која е Цвета Ристовска?
Пред да стане дел од антикорупциската комисија, Ристовска била ангажирана на Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје како предавач или гостин предавач.
Во јавноста се појавија сомнежи за потенцијален судир на интереси, откако таа го водеше случајот поврзан со сомнителната диплома на директорот на АНБ, Бојан Христовски — диплома издадена токму од универзитетот каде Ристовска предавала.
СДСМ тогаш побара оставка од Ристевска велејќи дека алармантно е откритието дека членката на ДКСК, која беше задолжена за овој случај и реферираше дека „сè е во ред“ со дипломата на Христовски, истовремено е предавач на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје – институцијата која ја издала спорната диплома.
ДКСК го оквалификува ваквото партнерство како „техничка грешка“ во нејзината биографија на сајтот, наведувајќи дека не постои судир на интереси и дека Универзитетот Скопје (од каде е дипломата на Христовски) не бил предмет на постапување пред ДКСК.
Заменик претседателот на ДКСК се избира по принципот на ротација по азбучен ред на период од шест месеци.
ДКСК е без претседател откако сега веќе поранешната претседателка Татјана Димитровска поднесе оставка по обвинувањата на Обвинителството за гонење организиран криминал и обвиненијата за две кривични дела и тоа за оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име и го положил тестот за сертификат за државна тајна.
Собранието на 1 август годинава донесе Одлука за објавување на јавен оглас за избор на претседател. На јавниот оглас, кој завршува денеска, досега се пристигнати десетина кандидатури, но постапката ќе продолжи по 3 ноември, односно по завршување на локалните избори.