Пакет безбедносни гаранции за Украина би можел да биде финализиран уште оваа недела, а европските лидери брзо ќе дејствуваат откако американскиот претседател Доналд Трамп сигнализираше поддршка за планот, објави Блумберг на 19 август, пренесува Кијив Индипендент.
Иницијативата предвидува распоредување на европски војници како дел од потенцијален мировен договор за одвраќање на понатамошна руска агресија дискутирана за време на самитот во Белата куќа на 18 август.
Разговорите меѓу европските претставници следниот ден се фокусираа на предлозите за испраќање војници од Велика Британија и Франција во Украина, заедно со контингенти од околу 10 други земји, изјавија за Блумберг луѓе запознаени со ова прашање. Дискусиите вклучуваа големина и позиционирање на силите, иако учеството на САД во гаранциите останува неизвесно.
„Кога станува збор за безбедноста, тие се подготвени да испратат луѓе на терен“, изјави Трамп за Фокс њуз. „Подготвени сме да им помогнеме со работи, особено – веројатно би можеле да зборуваме за воздушен превоз, бидејќи никој нема такви работи како нас, всушност тие немаат. Но, не мислам дека тоа ќе биде проблем.“
Прес-секретарката на Белата куќа, Каролин Ливит, подоцна нагласи дека Трамп разбира дека гаранциите се „од клучно значење за обезбедување траен мир“.
Се очекува европските воени шефови да се сретнат со американските колеги во наредните денови за да го координираат она што британската влада го опиша како „робусни безбедносни гаранции и да се подготват за распоредување на сили за уверување доколку завршат непријателствата“.
Антонио Коста, претседател на Европскиот совет, рече дека условите на гаранциите ќе бидат договорени „во наредните денови, по можност оваа недела“.
Додека лидерите го поздравија состанокот во Белата куќа како пробив, официјалните лица признаа дека остануваат сомнежи дали какви било гаранции би можеле да го убедат рускиот претседател Владимир Путин.
Кремљ ја отфрли можноста за распоредување трупи на НАТО на украинска територија, дури и кога европските сојузници разгледуваат поширок план што би комбинирал обука, засилување и мултинационални сили за осигурување со американското разузнавање, надзор на границите и евентуално воздушна одбрана.
Д. Мишев