Државната изборна комисија (ДИК) попладнево го донесе упатството за бројот на советници во советите на општините и Град Скопје. ДИК продолжи со работата по преостанатата четврта точка од дневниот ред на 130. седница. Денеска беше кажано дека од правната служба на ДИК било добиено писмено известување со мислење по барање на членот на ДИК, Дитмире Шеху.
За четвртата точка – предлог упатство за пополнување на образец на листи за членови на совет на општина, односно членови на совет на Град Скопје, „за“ гласаа петмина членови, а еден „против“.
– Согласно Изборниот законик и Деловникот, ДИК одлучува со мнозинство гласови. Констатирам дека од избраните членови на ДИК – седум, шест се присутни на оваа седница, пет гласаа „за“, еден гласаше „против“. Според тоа, оваа одлука е донесена со пет гласа „за“ и еден „против“. Она што се повикувате процедурално на членот 31 став 34г беше иницијално на првата седница, кога побаравте да се гласа со консензус, бидејќи немаше консензус, ја спроведовме оваа дополнителна постапка и го добивме мислењето. После тоа веќе немаме законски услови да бараме гласање со консензус, туку со мнозинство гласови, рече претседателот Борис Кондарко, по излагањето на Шеху, пренесе МИА.
Согласно Изборниот законик, како што истакна Кондарко, натамошна правна процедура по правен лек е дозволено со право на тужба до Управниот суд од страна на членот на ДИК, кој има спротивно мислење од ваквата одлука на ДИК, во случајот Дитмире Шеху.