Европската зелена партија денеска ги повика Европската Унија и Европската народна партија (ЕПП) итно да извршат притисок врз претседателот на Србија, Александар Вучиќ за запирање на полициското насилство над мирните демонстранти, опозицијата и медиумите и итно да овозможи слободни и фер избори.
– Режимот на Вучиќ целосно влезе во автократски модел: брутално полициско насилство, стотици апсења на мирни демонстранти и членови на опозицијата и очигледен обид да се избегнат избори, изјави потпретседателот на Европската зелена партија, Киран Каф.
Тој додаде дека ЕУ има политичко и економско влијание врз Србија и оти мора веднаш да дејствува.
Додека потпретседателката на Европската зелена партија Вула Цеци наведе дека ЕПП мора конечно да заземе став“.
– Автократите имаат опасна навика да банализираат и да ја правдаат авторитарната пракса во име на така наречената стабилност. Ова мора да се осуди, посочи Цеци.
Владејачката Српска напредна партија (СНС) е придружен член на Европската народна партија, најголемата политичка група во Европски парламент, на која ѝ припаѓа и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пренесе МИА.