Каква асоцијација ви нудат зборовите Пекинг-студенти-тенкови? Ова е секако прашање за малку постари читатели, ама ним не им треба да им додадете уште некој збор за асоцијацијата да биде целосна. Во доцните мајски денови во1989 година, кинеското државно раководство ја изнесе армијата на плоштадот Тјенанмен. Таму со денови претходно се одржуваа масовни протести на кои, освен студентите учествуваа и здравствените работници, новинарите од државните медиуми (!) и други. Во пресметка со нив режимот користеше и огнено оружје, а на крајот и тенкови. Никогаш не беше објавен бројот на загинатите и оние кои трпеа репресија тие денови, но се знае дека на адреса на родителите на убиените, во 2019 година стигнале официјални предупредувања да не одржуваат никакви обредни манифестации.
Зошто го споменуваме овој случај? Па во соседна Србија веќе десеттина месеци се одржуваат – прво студентски – протести, на кои им се придружуваат стоилјадни демонстранти од сите возрасти, изразувајќи ја волјата дека земјата треба да доживее целосни промени во начинот на кој се владее со неа. На мета на протестите е секако режимот на Александар Вучиќ и неговата партија СНС. Тие форми на протест продолжуваат и деновиве, а степенот на насилство со кој српскиот политички врв се пресметува со политичките противници расте. По прекумерното користење на полицијата, што очевидно наидува на отпор и во редовите на униформираните, па имаме и смени (!) во раководствата на единиците, на ред дојдоа и дефилеата на тенковите. Тие ќе бидат на улиците на Белград, според официјалното соопштение на МО од 9 до 26 септември, а повод е одржувањето на воена парада на 20 септември.
Присуството на тенковите најмалку има барем симболично значење
Зошто на тој датум? Нема никаков соодветен празник за таа манифестација под наслов „Силата на единството“. На страна што е сето тоа скапо и го прекина и онака нередовниот сообраќај во градот, тоа секако делува како закана за демонстрантите. Така и се приближуваме до користењето на името Пекинг во загатката од стартот на текстот. Објаснувањето секако лежи во димензиите на општествениот конфликт некогаш во Кина (тоа беше година кога инаку падна Берлинскиот ѕид, да се потсетиме) и сега во Србија, непосредно после промените што во конфигурацијата на вредностите настанаа во светот после парадата во Пекинг на 3 октомври годинава.
Имено, за да се задржиме на ова последното тврдење треба да расчистиме со тоа дека оваа – во основа наметната слика за нешто што се случило пред 80 години во Пекинг – практично ги измести позициите на двете големи сили што не се во кругот на она што го нарекуваме слободен свет. Се работи за Русија и Кина, земји кои ги менувале меѓусебните односи во текот на историјата и меѓу кои постои само закопан антагонизам во нивните империјални планови. Притоа, некогаш големата зависност, Пекинг јасно ја промени во своја корист! Тоа е историски процес – во светлината на конфликтите што ги имаше СССР а сега само Русија, Пекинг ја истакна својата доминација и на еден сликовит начин сега покажа кој е денес помоќен во алтернативниот распоред на центрите на моќ. Или што би рекол народот – „кој коси, а кој само вода носи“.
Да не заборавиме дека Советскиот Сојуз се распадна кога влезе во замката наречена воена интервенција во Авганистан (1979 година). Со многу жртви, човечки и материјални, земјата се осиромаши, внесе многу дефетизам кај сопствениот народ и сојузниците. Бескорисната војна која траеше многу покусо од виетнамската војна во која влезе САД, да речеме, заврши со ист таков паничен неуспех!
Односите со Кина беа заледени, посебно кога Москва не му помогна на Виетнам во 1979 година токму во судирот со Пекинг, иако постоеше договор за заедничка одбрана меѓу Виетнам и СССР! Русија, по распадот на Федерацијата водеше две војни со одметнатата Чеченија, каде и покрај техничката и човечка супериорност објективно не победи. И потоа Кремљ направи договор со противникот да му ја признае неговата де факто сувереност, а тој преку Рахман Кадиров како лидер и војсководец да стане наемник по потреба на негова страна, кога тоа на некој од актуелните политички шефови ќе им притреба. Ова го направи сега и Путин, кој дозволува единици на Чечени да се борат против украинските воени единици, со дозвола, секако, да грабаат и злоставуваат по пат сѐ што ќе освојат. Се проценува дека Москва добила 20 илјади борци кои практично никогаш не се ослободиле од оружјето кое го носат последните децении.
Реалноста ја направи ротацијата на моќта
Ова е само слика на објективно лошата позиција на Путин во неговиот најавен конфликт со Западот, уште при неговата инаугурација во 2000 година. Да не должиме – на 3 октомври 2025 – во Пекинг се случи јасна ротација на моќта, и симболично, шахистите би го користеле терминот гамбит, меѓу Русија и Кина. Првата стана презависна во секој поглед од својот голем сосед, довчерашен комунистички јуниор. Таму се демонстрираше моќ во сите домени на борбената моќ, а Путин, користејќи го мизансценот на антизападниот сојуз, го молеше диктаторот од Северна Кореја за нова тура на „доброволци“ кои треба да гинат на украинските полиња.

Впрочем, предуслов на тој гамбит е фактот дека на Путин како домаќин на традиционалната Парада на Денот на победата (9 мај) му дојдоа многу помалку високи претставници на земји отколку сега на Си, што беше јасен знак дека некому сонцето му зајдува, а некому му се појавува на источниот хоризонт. Кина, неистрошена во последните 45 години во никаков конфликт, прерасна – од светски пример на сиромаштво – во најголема светска сила која суверено држи околу 20 отсто од стоковиот промет во светот. Додека двете велесили, Русија и САД влегуваат во конфликти или поддржуваат одредени земји во нивни судири, Кина создаде платформа која е многу поинаква од онаа што постоела можеби пред 10-15 години.
Во таа изменета слика за супериорноста беше секако чепнато единството на НАТО и ЕУ (и во двата случаи се бележи присуството на највисоки државници на Унгарија и Словачка, за што пишуваше ЦИВИЛ), но за прв пат таму претставници испрати и Бугарија (и тоа двајца од кои еден е вицепремиерот на Владата во Софија). Јасно, како и на Денот на победата во Москва, и сега на парадата во Пекинг замина претседателот на Србија Вучиќ, кој, по враќањето во земјата се обиде да направи некаков копирајт во потезите дома, преку она што го видел, ама да инсценира фешта за неговиот прием на двете прослави, иако, објективно тоа е само обична пропаганда која нема реална тежина. Ако можеше Путин да доживее јасен пораз – еден вид на расчинување на јавна сцена – што да се каже за Вучиќ?
Величествен пречек или одмолчено присуство во Пекинг?
Од она што не можеше да се согледа во медиумите наназад десеттина дена, но полека се разобличува, српскиот претседател доживеал во Пекинг целосно фијаско! Поттик за ова пребарување предизвика гостувањето во студиото на N1 на првиот министер за внатрешните работи во петтооктомвриската влада, Божо Прелевиќ, кој ги сруши сите наслови по медиумите во Србија за „величествениот пречек на Вучиќ“ во Пекинг.

Накусо, овој некогашен функционер укажа дека неговиот претседател не бил пречекан од ниту еден званичник на аеродромот во Пекинг што е многу значаен факт за неговото реално место и на манифестацијата каде се упатил и како е позициониран во меѓународните релации. Особено во оној дел од светот каде што сам себе си се позиционира!? Таа забелешка беше шокантна и дури неверојатна. Па српските медиуми никаде не го споменаа ваквиот пречек! Ама, ако пребарате внимателно нема податок ни кој е тој што го пречекал на аеродромот, под скалите на авионот по кои се симна со својата сопруга, која инаку ептен ретко ја гледаме на јавни места.

Па добро, за тоа треба секако добра проверка а најдов и едно видео на Танјуг каде што се гледа како Вучиќ и неговата сопруга, во друштво со две госпоѓи, веројатно од протоколот, минуваат низ шпалирот на војници на кинеската армија. Таква редукција во протоколот кога се работи за построени војници без соодветна придружба на домаќинот, не се сеќавам дека имало во мојот не така кус живот. Да споменам само дека вториот човек во бугарската влада на истиотот аеродром во исто време го пречека лично Си Џинпинг!
Потоа, тврдењето на Вучиќ дека разговарал час и половина со Путин, Прелевиќ го демантираше и тврдеше дека таа средба траела само 15 минути. Нешто повеќе од обично ракување. Насловите кои ги порача српскиот претседател, во Белград пренесоа дека нивниот шеф на државата му порачал на ценетиот колега дека сите руски фирми се добредојдени во Србија.
Случај НИС: Па и тенковите одат на нафта!
Па се заборава дека баќушките веќе се сместија во оние фирми на своите јужни браќа за кои беа заинтересирани. И без да вложат копејка, ги претворија во своја сопственост, како што е случајот со НИС (Нафтената индустрија на Србија). Дури и покрај тоа што Американците се заканија дека ќе воведат санкции, ако Вучиќ не се отараси од руската сопственост на оваа мега фирма, Путин очевидно не се одлучи да ја тргне јамката од вратот на земјата во која објективно има доста граѓани за кои е идол (веднаш да кажеме – има и кај нас такви обожувачи!).
Оваа дилема можеше да се реши правно само со купување на акциите од страна на српски физички или правни лица, под услов да бидат понудени. Засега тоа го нема. Вториот начин е секако да се купи целата фирма од страна на земјата домаќин – НИС-от, онака топтан по негова пазарна или договорена цена. Најпрво тој чин е неморален – продавачот своевремено не дал ниту копејка, а да се добијат тешки милијарди евра или долари како компензација!? Велат дека толку пари за откуп Србија никако и не може да ги најде.

Што е решението – руската страна, па и самиот Путин, велат дека имаат разбирање за позицијата на својот најголем партнер на Балканот. И не нудат решение. Ситуацијата останува статус-кво, благодарејќи на тоа што Белата куќа постојано ја одложува конкретната санкција – прекин на доводот на нафта и нафтени деривати преку нафтоводот од Хрватска, без што во Србија ќе настане хаос. Па и тенковите, да напоменеме, одат на нафта. Последната црвена линија за промена на статусот на НИС е до 30 септември, да не заборавиме.
Операцијата „Наследник“ согледана од московски агол
Она што единствено излезе од средбата Путин – Вучиќ во Пекинг – која траела 15 минути или шест пати покусо од објавеното – е ветувањето на станарот на Претседателската палата кај некогашниот Пионерски парк (денес Ќацилен) дека „сите руски фирми се добредојдени во Србија“.
Толку од враќањето на НИС-от, пред сѐ, па така и треба да го сфатите тој восклик. За Путин тој одговор бил доволен и што да се троши повеќе времето. Е тоа е дострелот во комуникацијата со Кремљ. Прелевиќ рече дека руското МНР нема практика да ги демантира тврдењата околу траењето на некој состанок на нивниот претседател.
Но затоа руските медиуми повеќе се бават со фактот дека Вучиќ со себе го понел пензионираниот функционер Томислав Николиќ. И српската агенција Танјуг во редакциски коментар тврди дека, ако во Србија се шпекулира дека Вучиќ би можел политички да го ангажира Николиќ, рускиот Комерсант тврди дека тоа веќе се прави, како што анализира белградско Време.

И се оди понатаму – се тврди дека Вучиќ го готви својот наследник! Имено, во евидентен копирајт на маса е моделот што Путин го применувал со Дмитриј Медведев долга низа години – кога ќе му истекне мандатот, Медведев од премиер станувал претседател (со скусени ингеренции и амбиции), а Путин добивал премиерска фотелја со издигнати функции. По четири години, позициите се менувале одново и сѐ така во предвидлива низа на потези.
Од каде е сега таа потреба за ваква имитација? Формално Николиќ, поранешен претседател на партијата СНС и претседател на Републиката од 2017 година, стана само национален координатор за односи со Русија и Кина. Ова дава смисла на неговото тормозење до Пекинг и назад, со оглед на годините (73), а се остварило само преку контакт со одредени кинески фирми. Но Комерасант пишува дека Вучиќ е подготвен да распише истовремено предвремени парламентарни и претседателски избори, а Николиќ би се номинирал за старо-новото место. Проценка е дека Вучиќ според путиновиот модел би можел и како премиер да ги држи оние конци во раката што му носат најголем профит за него и неговиот тим.
Но копирајтот на постапките на – да го наречеме така – диктаторите од источниот блок од страна на Вучиќ тука не завршуваат. Најнапред, тоа се однесува на битното зголемување на репресијата кон 10-то месечните протести на студентите и граѓаните во неговата земја, која битно ја разнишаа неговата неприкосновена позиција. До толку што него го одржува на позицијата само полициската бруталност, притисокот врз обвинителството за поостри казни, репресиите што се преземаат од овој месец во сите сфери на образованието и – колебливоста на Западот во однос на воведување на санкции кон некој кој има сѐ освен европско однесување кон клучните сфери што ја градат демократијата во една земја!
Ја согледува ли Западот Вучиќевата трансмисија на политиката кон соседите?
Бидејќи факт е дека Вучиќ ја пренесува својата нервоза кон своите балкански соседи! Тоа е едно однесување кое одамна ги надминува неговите национални граници. Една негова неодамнешна изјава и манифестацијата на воената моќ ја насочува кон регионот, но тука се и многу конкретни чекори и инциденти кои се случуваат, а кои – или не се забележани (Црна Гора) – или се забележани од премалку фактори (Македонија) – или сме навикнале дека се случуваат предолго време па јавноста отрпнала и ги смета како „секојдневие“ (БиХ).
Политичкиот коментатор Жарко Пуховски, говорејќи за најновите настани во регионот, изјави во утринската програма на хрватското студио на N1 дека Црна Гора е несомнено жртва на притисокот што официјален Белград го прави врз дел од црногорското раководство околу успорувањето на влезот на оваа земја во ЕУ; земјата која беше најсилен кандидат за влез во Унијата – заостанува. Така, Подгорица од земја која беше прва по влезот во преговорите со Брисел сега го губи тој примат, бидејќи Тирана е таа која во преговорите го презема приматот во регионот (ги отвора последните две поглавја – н.з.). Интервјуираниот смета дека цел на Србија е ниту една балканска земја повеќе да не добие предност во влезот во Унијата пред неа! Пуховски воедно ѝ замерува на Хрватска дека и таа се обидува да ја уценува Црна Гора со некакви протурени барања за долг од две милијарди евра, што е просто, вели тој, нереално!

„Станува збор за тоа дека двете страни се обидуваат да ги зацврстат своите позиции за понатамошни преговори бидејќи знаат дека мора да дојдат до нив. Факт е дека Црна Гора е во неспоредливо послаба позиција, едноставно, сите знаат дека нема друг начин да се стигне до Брисел од Подгорица, од Сараево, од Белград освен преку Загреб“, објаснува Пуховски. Црна Гора има долг кон Хрватска врз основа на сукцесијата на воениот имот, но како што нагласува Пуховски, бројката што ја споменува советникот на шефот на дипломатијата на таа земја, Ванда Бабиќ-Галиќ, е нереална.
„Не ми изгледа реално дека тоа би било ни блиску до оваа бројка. Сосема е нејасно каде би се појавиле две милијарди како износ на долг, но одреден долг сигурно постои и за него ќе се преговара“, оценува Пуховски.
Говорот на Пуховски укажува на какви се притисоци е подложена Црна Гора на патот кон влезот во Унијата, а и на тоа дека – ова е нешто што се наметнува – Хрватска се пресметува со Белград по повод најновите заострувања на односите преку просрпското раководство во Подгорица!
Упад во празничната атмосфера во земјава
Прашањето на заострениот однос на Белград кон Скопје го видовме пред некој викенд во говорите на двајца високи функционери на Србија со јасно присвојување на „српски земји“ и ставање на земјава под скутот на Вучиќ. Тоа не е обичен инцидент (за кој, исто така, меѓу ретките, имаше поголем број текстови во ЦИВИЛ), а беше креиран. Секако намерно и со несоодветен датум – завршување на битката за Кајмакчалан како повод, која е завршена на 30 септември, а не била ни започната на 8 септември, ден кој се одбележува како Ден на независноста кај нас. Но изборот на денот на кој ќе се изговорат говорите со елементи на присвојување – е секако најмалку па случаен!

Второто совпаѓање на намерите насочени кон земјава, но со укажување на постоење на длабока врска меѓу двете актуелни раководства меѓу Србија и Македонија, секако е содржан и во објавата што ја обелодени ЦИВИЛ за намерите со преземањето на Стопанска банка Битола. Таа процедура која, по кус прекин, продолжува одново, нѐ насочува кон тоа дека и официјален Белград, но и оваа вмровска влада си наоѓаат заеднички основ за соработка која има заштитен, сикретен превез.
Другите медиуми во земјава се прават дека не ја гледаат токму таа внатрешна потреба да се има сопствена банка преку која ќе се одвиваат финансиските трансакции кон странство во услови кога нашите банки, во случајот со првиот унгарски (практично кинески) кредит одбија да бидат послушни во онаа мерка која од нив се очекуваше. Овој процес, како и да земете, е дел од излегување надвор од европските практики што треба да ги очекуваме во следните месеци, а можеби и години кога влезот на надворешни пари ќе се засили кај нас.
Секако е многу загадочна улогата на српскиот политичар Александар Вулин во трансформацијата на Стопанска банка Битола. Бидејќи, ако ДУИ тврди дека тој контактирал со македонските власти околу преземањето на банката и тоа во Куманово, под наводно покровителство на актуелниот градоначалник Максим Димитриевски (чии просрпски, а богами и проруски афинитети никогаш не биле под знак прашалник). Зошто на тоа место и зошто на истата средба наводно присуствувале и луѓе од ВЛЕН? Впрочем, знаеме кој е Вулин и чиј политички комесар е на Балканот! Некако оваа вест не доби додатна потврда ама ниту енергично демантирање од ничија страна. Со продолжување на предизборните дуели треба да се очекува дека за овој случај може да дознаеме и нови детали.
Странците не ги интересира онаа политика која не ја контролира состојбата во земјата
Приемот на српската официјална политика во Москва и Пекинг останува по старо – тој пристап е со јасна надреденост и тоа до толкава мерка што за политичките џинови како Русија и Кина е доволно што релацијата останува поданичка. Затоа на посетите на српскиот претседател во овие престолнини не е обратено никакво попристојно внимание. Просто при меѓународни собири не се сакало да се троши времето на Србија, која, шаховски речено, нема никакви комбинации да излезе од позицијата (незавидна) во која се наоѓа. Во оваа фаза од играта нема таков велемајстор кој би го нашол излезот кон правото на слободен избор. Впрочем, мостот кон поединечните и групни интереси во Србија е одамна поставен.
Но се забележува во битно променетиот однос и кон стариот миленик на источните деспотии – Милорад Додик, кој по пресудата на сараевскиот суд што го демисионира наеднаш стана неинтересен, место да биде бранет, како што очекувал. Така, тој се помирил со политичката загуба во очите на ЕУ и САД, и си замисли компензација во форма на вклучување во политичките профити кои се бројат со конкретни пари. Имено, посакал да му најде простор на својот син Игор Додик во бизнисите со Русија, ама од тоа не добил ништо. Се чини дека не помогнале ни ургенциите на Вулин, кого го споменавме, ама и на српскиот премиер Ѓуро Мацут, како што открива НИН.
Ова е само приказ на онаа „валута“ која на Истокот и кај големите сили вреди: разговараме само со оние кои освен својата намера да бидат слуги на нечија странска политика и интереси (нашата де) си ги држат уздите на власта во раката. Додик одеднаш остана без доволно докази во својата премоќ. Вучиќ секако не е исто така убедлив што 10 месеци предизвикува растечка скепса, бидејќи не ја смирува состојбата во својата земја.
Однесувањето на Пекинг и Москва во вакви случаи е слично на она како кога офицер ќе влезе во спалната на четата и му кажува на некој потчинет – „намести го креветот и јави се на рапорт“. И Вулин и Вучиќ не се подготвени за такви рапорти што се очекуваат од нив. Ова секако ниту малку не е утешно за нивните балкански соседи. Како кога повисоките апаратчици од „Сомнително лице“ на Бранислав Нушиќ, незадоволството од својата моментна позиција го истураат со злоба и насилство кон потчинетите или случајните граѓани – баратели на услуги.
А каде е тука Западот? Каква е неговата позиција? Па да го обележиме слуајот што е акуелен во Белград. Кинезот Цуи Гуангаи и Британецот Џон Милер, чија екстрадиција ја бараат САД под обвинение за шпионажа и шверц на воена технологија, исчезнаа од домашен притвор во Белград, откако ги извадија своите електронски нараквици, дознава БИРН и додава дека Вишиот суд во Белград наредил издавање на потерница. Во овој случај, српската правна држава најпрвин постапила според меѓународното право – ги уапсила овие двајца и ги ставила во домашен притвор (!) ама не ги дочувала, секако заради политичка одлука – која земја е тука поважна. САД или Кина? За ова не треба додатен коментар. Изостанува уште јасна реакција на другата страна. Само тоа е факторот заради што неправдата и во целиот регион останува некако недопирлива.