Донацијата од 800 илјади евра од компанија од српско потекло за реконструкција на двата стари објекти на тетовската гимназија, е проследена со полемики дека станува збор за таен договор за изградба на црква во Тетово, пишува „Порталб“.
Според „Порталб“, во интервју за Алсат ова го потврди пратеникот од ВЛЕН, Беким Ќоку, а потоа се извини и рече дека станува збор за грешка. Ќоку, на прашањето за примената донација од една српска компанија во Тетово, потрврди дека донацијата е за црквата.
„Поголем проблем е Дака Давидовиќ, кој е на црната листа и кој го направи целиот тој пазар со Теута Арифи, тогашната градоначалничка на општината и стана близок пријател на Муса Џафери и целата структура на ДУИ, отколку донацијата што беше дадена за црквата“, рече Ќоку.
Откако неговата изјава предизвика доста врева во јавноста, Ќоку се демантираше себе си.
„Мојата изјава во интервјуто за Алсат, исто така и поради динамиката на интервјуто, дека имало донација за црквата во Тетово е дезинформација. Таква донација не постои и ова е факт кој може да се провери. Проверливата вистина е дека имало една донација за реконструкција на училиште дадена од компанија регистрирана на територијата на Северна Македонија“, напиша Ќоку.
Уште од самото пристигнување на донацијата во Тетово почнаа да се шират гласини дека оваа донација има друга позадина, изградбата на црква во Тетово. На 21 јули, за време на почетокот на работите за реконструкција на старите објекти на тетовската гимназија, градоначалникот на Тетово, Билал Касами, беше прашан дали оваа донација е договор за изградба на црква, меѓутоа, во тој момент интервенираше премиерот Христијан Мицкоски, и Касами не можеше да даде одговор. На 28 август градоначалникот на Тетово, Билал Касами, при една средба со граѓаните изјави дека го обвинуваат за изградба на црквата, пишува Порталб.
„Ме обвинуваат затоа што прифативме донација од бизнис чиј сопственик е Србин. Парите во претходните мандати одеа во нечии џебови, а сега преку советот влегуваат како донации за спроведување на проекти за Тетово“, рече Касами.
Тој додаде дека го обвинуваат дека примил донација со ветување дека ќе изградат црква во Тетово.
„А знаете каде, на локација што во деталниот урбанистички план е предвидена за изградба на џамија, за прв пат во Тетово по 30 години демократија во детален урбанистички план во блок 28 е предвидено да има џамија, за прв пат во Тетово ќе се гради џамија со сите процедури и дозволи и сè што е потребно за легален објект, и за да го прикријат ова ме обвинуваат дека таму ќе изградиме црква“, рече Касами.
Во врска со оваа донација алармираа и опозициските партии, ДУИ и Aлијанса за Албанците. Според АА, станува збор за сомнителен договор кој покренува сериозни сомневања за можна вмешаност во перење на пари, институционална корупција или скриени услуги, изградба на православна црква во Тетово преку канализирање на донации прикриени како помош за општината или користење на општинските институции за цели на странски интереси./ МЕТА