Кога празната реторика ги заменува фактите, првите жртви се довербата и безбедноста.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), претходно на Центар за управување со кризи, Стојанче Ангелов на вонредна прес конференција на 13 септември навечер, наместо да понудат конкретни одговори и решенија за пожарите и енормното загадување во Скопје, излегоа со драматични тврдења дека државата е цел на „хибридни напади“.
Ниту еден доказ, ниту еден валиден индикатор или безбедносна анализа не беа понудени. Сѐ се сведе на лични ставови, неофицијални информации, па дури и Господ најде место во овие изјави. Наместо системски и аналитички пристап, јавноста доби нејасна смеса од претпоставки и религиозни уверувања.
Флоскули и вера наместо факти
Ангелов тврдеше дека „истовремено сме нападнати со повеќе пожари“ и дека тоа е „хибриден напад“. Но сето тоа го поткрепи само со сопствен „личен став“ и со неофицијални шпекулации дека на поединци им биле дадени пари да палат кабли и отпад. Пред камери!
Тошковски отиде уште подалеку, изјавувајќи:
„Господ не може да ме убеди дека ова е случајност.“
Со овие зборови, министерот за внатрешни работи ја вмеша религијата во сферата на безбедноста, заменувајќи докази со верба.
Контрадикции, апсурди и дрскост
Особено фрапантно е признанието дека повеќе од 40 лица се уапсени во врска со пожарите, дел од нив во притвор. Сепак, министерот отворено призна и:
„За жал, засега не можеме да утврдиме организациона поставеност меѓу тие луѓе.“
Значи: нема организирана структура, нема мрежа, нема доказ за систематска акција. И покрај тоа, и Ангелов и Тошковски упорно зборуваат за „хибридни напади“. Тоа е класичен пример на тотално игнорирање на фактите и наметнување на сопствени наративи.
Ангелов дополнително наведе дека некои лица наводно повеќе пати добиле пари за подметнување пожари – без да даде конкретни податоци или да објасни дали станува збор за истите лица. Воедно, тој дрско им се обраќаше на новинарите, меѓу другото, нарекувајќи ги „глупост“ извештаите за површините зафатени со шумски пожари минатото лето, и тоа без разлика дали тие податоци доаѓаат од Обединетите нации. Се разбира, не пропушти и да ја искритикува претходната влада – во која тој беше на иста функција – а истовремено ја испофали актуелната.
Клучна напомена
Важно е да се потенцира дека хибридните закани не треба да се потценуваат, и оваа анализа не е таков обид.
Напротив, токму затоа што хибридните закани — и хибридните напади што произлегуваат од нив — се реална можност, тие бараат докази, внимателна анализа и професионален одговор. Дури и ако пожарите и загадувањето навистина биле резултат на хибриден напад, начинот на кој функционерите ѝ се обратија на јавноста — со непроверени тврдења, лични убедувања и дури со повикување на Господ — е далеку од соодветен и професионален. Таквите реакции не ја зајакнуваат довербата на граѓаните, ниту безбедноста во целина, туку ја поткопуваат.
Опасноста од ваквата манипулација
Последиците од ваквото однесување од говорницата пред влезот во Министерството за внатрешни работи не се наивни. Ако директорот на ДЗС се фали дека е во безбедносниот сектор од 1991 година, тогаш тој многу добро треба да знае дека секој збор изговорен во таа сфера има своја тежина. Истото важи и за еден министер за внатрешни работи.
Нивната „вонредна прес-конференција“ во вечерните часови не го откри тоа што ја загрижува јавноста, но откри многу сериозни проблеми во нивната комуникација. Кои се последиците од ваквата употреба на тешки зборови без аргументи, без докази и без одговорност?
Девалвација на поимот хибридни напади
Овде се работи за опасна девалвација – хибриден напад е сериозен термин што опишува систематска агресија од странска сила или внатрешни терористички структури. Со ваква употреба, овој значаен и сериозен термин се претвора во флоскула што служи како алиби за сопствените неуспеси и неспособност.
Пренасочување на вниманието
Со ваквото однесување пред јавноста, се пренасочува вниманието. Наместо да се решаваат реалните причини за пожарите и загадувањето (корупција, лошо управување, нефункционални институции), вината се префрла на „невидливи напаѓачи“ кои спроведуваат „хибридни напади“ за кои, според министерот, „ни Господ не може да ме убеди дека ова е случајност“.
Предизвикување страв и цинизам
Овие изјави предизвикуваат и страв и цинизам. Неоснованите обвинувања за хибридни напади ја збунуваат јавноста. Со време, луѓето стануваат рамнодушни или саркастични кон поимот, па вистинските закани може да останат занемарени.
Политизација на кризна ситуација
Политизацијата на оваа кризна ситуација е повеќе од очигледна. Институциите често се злоупотребуваат во предизборниот период, каде функционерите користат безбедносна терминологија како параван за сопствената неспособност, наместо да обезбедат одговорност и решенија.
Контекст што не смее да се игнорира
Оваа злоупотреба е уште поопасна кога ќе се стави во поширок контекст. Русија води крвава војна против Украина и паралелно води хибридна војна против Европа – со дезинформации, сајбер-напади, саботажи и уцени. Тоа се вистински, документирани хибридни операции со конкретни, видливи и докажани последици.
И токму во вакви времиња, кога континентот е под сериозна и реална закана, нашата влада го сведува поимот „хибриден напад“ на празен изговор за да ја покрие сопствената неспособност да се справи со отпадот, пожарите и загадувањето. Или, едноставно, не знае што да прави. А тоа е подеднакво опасно.
Што е хибриден напад?
Хибридните напади се дел од стратегијата на хибридното војување – комбинирани акции на организирани непријателски сили, најчесто државни или терористички структури, насочени кон дестабилизација.
Хибридни напади вклучуваат:
- сајбер-напади врз критична инфраструктура,
- дезинформациски и пропагандни кампањи,
- економски уцени или саботажа,
- поддршка на криминални или паравоени групи,
- закани и демонстрација на воена сила.
Овој термин е препознаен во безбедносните доктрини на ЕУ и НАТО како реална и растечка закана.
Одговорност наместо алиби
Функционерите имаат обврска да зборуваат со факти, да градат доверба и да обезбедат решенија. Тие имаат должност да се грижат за угледот на институциите што ги водат, затоа што нивниот мандат е ограничен, а институциите остануваат и треба да им служат на луѓето и по нивното заминување од функциите.
Во тој контекст, кога ја злоупотребуваат терминологијата за хибридни напади, тие не ја зајакнуваат државата – ја ослабуваат. Наместо одговорност и транспарентност, јавноста добива спектакл од флоскули, закани и неосновани тврдења.
Да се злоупотребува терминот „хибриден напад“ во време кога Украина крвари, а Европа е под постојан удар на хибридна војна од Русија, значи да се игра со довербата, безбедноста и иднината на сопствената држава.