Соединетите Американски Држави ќе помогнат да се обезбеди мир откако ќе заврши војната на Русија во Украина, изјави американскиот претседател Доналд Трамп во интервју емитувано на 18 септември на Фокс њуз, пренесува Кијив Индипендент.
„Кога реков „помош од воздух“, зборував за безбедноста откако ќе се реши војната. Значи, откако ќе се реши војната, ние ќе помогнеме да се обезбеди мирот. И мислам дека на крајот тоа ќе се случи“, рече Трамп за време на програмата „Приказната со Марта Мекалум“ на Фокс њуз, разјаснувајќи ги претходните забелешки во кои сугерираше дека САД би можеле да ѝ помогнат на Украина „од воздух“.
Трамп претходно на 18 август изјави дека Вашингтон е подготвен да ѝ обезбеди на Украина безбедносна помош, „особено, веројатно, од воздух“, како дел од евентуален мировен договор со Русија.
Претседателот на САД ја изрази својата фрустрација од решавањето на војната во Украина, како и своето разочарување од рускиот претседател Владимир Путин. Тој, исто така, го окарактеризира односот меѓу претседателот Володимир Зеленски и Путин како „ужасен“.
„Мислев дека најлесно ќе се договориме за Русија и Украина, поради мојот однос со претседателот Путин. Затоа сум разочаран“, рече Трамп.
Трамп продолжи да ја критикува зависноста на Европа од руската нафта, тврдејќи дека тоа ги поткопува напорите за завршување на војната.
„Бев незадоволен од Европската Унија, или, да речеме, од НАТО, кога видов дека купуваат нафта од Русија“, рече тој.
„На крајот на краиштата, ако цените на нафтата се намалат или ако Русија не продава нафта, тие немаат друг избор освен да се договорат. И кога земјите од Европската Унија или земјите од НАТО… купуваат нафта од Русија, тоа не е најдобрата работа. Тоа не е договорот“, рече Трамп.
Трамп, исто така, сугерираше дека ако Европската Унија ја таргетира Кина – најголемиот купувач на руска нафта – со санкции или царини, „војната можеби ќе заврши“.
„Ако Европа направи нешто во однос на Кина, мислам дека Кина веројатно, можеби ќе наметне крај на војната“, додаде Трамп.
ЕУ неодамна одговори на притисокот на Трамп предлагајќи постепено укинување на руските купувања на енергија порано од првично планираното.
Д. Мишев