Холандската полиција употреби солзавец и водени топови за да ги растера насилните антиимиграциски демонстранти во Хаг во саботата, пренесува Би-би-си.
Триесет лица беа уапсени, а двајца полицајци беа повредени додека големи групи луѓе се судрија со полицијата, при што некои фрлаа камења и шишиња.
Околу 1.500 луѓе блокираа автопат што минува низ градот, додека полициско возило беше запалено, објави холандската новинска агенција ANP, повикувајќи се на полициски бројки.
Премиерот Дик Шуф ги осуди „шокантните и бизарни слики на бесрамно насилство“, велејќи дека се „целосно неприфатливи“.
Десничарскиот лидер Герт Вилдерс, кој ги доби претходните избори во Холандија и го задржа своето водство во анкетите за јавното мислење пред гласањето на 29 октомври, беше поканет да зборува на демонстрациите, но не присуствуваше.
Наместо тоа, тој го осуди и насилството врз полицијата како „целосно неприфатливо“, велејќи дека тоа е дело на „идиоти“.
Протестот беше организиран од десничарски активист, барајќи построги миграциски политики и рестрикција на барателите на азил.
Насилството избувна кога големи групи демонстранти, многумина од нив мавтајќи со холандски знамиња и знамиња поврзани со крајно десничарски групи, се соочија со безбедносните сили.
Демонстрантите, исто така, ги скршија прозорците на седиштето на централнолевичарската партија Д66, која многумина од крајната десница ја сметаат за партија што ѝ служи на прогресивната елита.
Д. Мишев