ОЛИВЕР АНДОНОВ
Насловот на оваа колумна можеше да биде и „секс, лаги и видео ролни“, но тоа ќе беше копија на насловот од еден познат филм иако многу ќе одговараше на нашата реалност во кампањата пред локалните избори.
Токму изборите се главната тема во Македонија, а секако главна тема се не поради тоа што се судбински (освен за некои поединци во политиката), туку затоа што на крајот ќе ја покажат нашата колективна самосвест и нашиот однос кон нашите секојдневни потреби, односно комунални прашања. Тоа што повторно некој ќе гласаат по автоматизам „и за магарето“ во вкупниот резултат на проценка на нашата политичка свест нема значење. Всушност оваа колумна има за цел само да ве потсети драги мој сограѓани, а посебно драги мој сопартијци на тоа како пред четири години гласавте по автоматизам. Видливо е дека ви се врши силен притисок повторно да гласате по автоматизам (онака без мозок, без расудување).
И да се потсетиме. Во Септември 2021 година како Внатрепартиска фракција, но и во мое лично име многу јасно напишав во колумна дека се противам на будалаштината на Мицкоски да ја кандидира Данела за градоначалник на Скопје. Но како што тоа и вообичаено бива во автократското однесување на Мицкоски веднаш експресно не игнорираа и маргинализираа (да не пречиме). Потоа истрча Кендо – Мисајловски да ја покаже својата лојалност и јавно застана зад Данела и тоа го обзнани (досега не слушнав од него дека се извини на граѓаните на Скопје и на сопартијците за оваа своја слепа послушност). Понатамошните случувања ви се познати, како и резултатите од тие случувања. Сега гледаме и Николоски се извинува за Данела, а прв се сликаше до неа. И уште немало во иднина ВМРО-ДПМНЕ да подржи непартиски кандидати. Ама ај (ете ги лагите, сексот е во другата слика и на друго место), а што е кандидатот за градоначалник на Карпош или оној во Кочани. Овде си играме со зборови, не се непартиски, туку надпартиски. Но не е проблемот во Данела, проблемот е во Мицкоски, бидејќи од пуста суета, дури и злоба го доведе Скопје на работ на еколошко-здравствена катастрофа. Очекувам овие проблеми, не само еколошко-здравствени пред се политичко-суетни за Мицкоски да продолжат.
Во една колумна јасно ви кажав дека Мицкоски го мрази Македонскиот народ, ги мрази македонските граѓани и ги гледа само како средство преку чија глупост (а ги смета за многу глупи) и со чие потценување, а преку ефтин ПР ќе ги оствари своите лукративни цели. И ете, тоа вие му го овозможивте и го претворивте во премиер на Македонија, а резултатите по цели 15 месеци на неговата влада се еднакви на НУЛА. Можеби сме и во минус или сигурно сме во минус, но тоа не можеме да го видиме, барем засега.
И кога ќе го слушате Мицкоски како го фаќа нервоза, свесен дека го потроши апсолутно добиениот мандат со голема поддршка на нашите сограѓани, не се плашете од неговите закани. Сметот од скопските улици ќе се исчисти и тоа преку нашата граѓанска свесност, со сигурност Мицкоски нема да се фати за метла (дури и во однос на неспособноста на неговата влада). Тоа што по негова насока нашите сопартијци – советници во Советот на град Скопје и нашите членови и претседатели на управни одбори во јавните претпријатија три години на наш грб се пресметуваат со Данела го покажа целиот негов политички некапацитет и пред се суетност и омраза кон секој кој нема да му се потчини. Токму тоа однесување не треба да не натера да се потчинуваме, туку токму спротивно, да покажеме граѓанска самосвест. Ова е многу значајно, бидејќи на локални избори не одлучуваме за тоа дали треба и ќе одиме кон ЕУ или за нашите односи со соседите или за некаква меѓународна политика, туку одлучуваме за едноставни прашања кои се дел од нашиот секојдневен живот кој пак треба да си го олесниме преку решавање на комунални прашања за кои се задолжени градоначалниците и советите (за жал).
Патем, бројот на гласови кои Мицкоски како узурпатор и киднапер на каузата на ВМРО преку клиентелизмот и лојалноста кон него во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ, ќе ги освои на советничките листи на нашата партија ќе покаже колку многу го потрошил мандатот и довербата која пред една година беше апсолутна. Колку многу граѓаните не му веруваат бидејќи мнооогу излажа. Па така никој (доколку не е будала) нема да сака да си дозволи повторно да биде излажан. Тука имам едно прашање за Мицкоски: „Дали доколку ја доведеш партијата поради твојата неспособност да има на советничките листи под 300 илјади гласа, ќе си дадеш оставка од сите партиски и државни функции и ќе пристапиш кон демократизација на партијата пред дефинитивно да си заминеш“? Знам дека нема да има одговор, и не очекувам такво нешто од човек кој се извинува за Данела а во исто време повикува на одговорност откако ќе завршат изборите. Ете пак треба да го прашам и да го потсетам: Христијан ти зборуваше за кривични пријави и во 2021 година против градоначелниците на СДС, зошто никој од нив не е в затвор или со отпочнат судски процес барем заради злоупотреба на функцијата“? Или ти лажеше дека се криминалци, или заради твојот договор со Заев ги заштити криминалците наредувајќи им на градоначалниците од нашата партија како и на претседателите на ОК да не преземаат ништо конкретно. Јас тврдам дека е ова второто во прашање како дел од твојот договор со другар ти Црпко Заев. Сега се ќе си биде исто, единствен кого ќе сакаш да гониш и да прогонуваш ќе биде Данела, како што впрочем најавуваш дека ќе има одговорност. Ви се замери жената и на тебе и на Црпко и ви нанесе директна штета попречувајќи ви ги договорените бизниси за кои вашите советници Телетабиси ќе требаше да кренат по две ушиња во советите за да поминат. Затоа и не ги креваа ушињата за да помине тоа што ќе им го олеснеше или барем нормализираше животот на Скопјани. Многу нечесно и перверзно да се присилуваат граѓаните и уште и да се измачуваат. Пораките се јасни и од тебе и од Заев кој зборува преку Филипче. Но според Уставот на Македонија и законите за заштита на животната средина е најодговорна владата, па ќе видиме.
Потполно е иста состојбата со сите раководители на институции и во самата влада. Реков дека нема да коментирам повеќе на темата хибридни напади, посебно од стручен и научен аспект. Но како и секогаш некои глупости не можат да се одмолчат. Тоа што „генералот“ Стојанче го изјава на една телевизија со национална фреквенција не е хумор или пак сатира, тоа е јасен, недвосмислен показател за тоа какви лица под маски ја водат оваа држава Македонија. Ја водат необразовани дури и неписмени, неспособни и арогантни лица кои на сите нас гледаат со потценување и што е најстрашно тие не сакаат да учат и научат туку опстојуваат во своето незнаење и глупост. Гледаат токму како што веќе ви кажав, како на проста глупа маса која е тука да ги гласа нив и да им биде клиентела која ќе им се полтронизува околу нивната глупост и неспособност. Оваа сцена со „генералот“ е само уште еден јавен показател за тоа во каква општествена, морална и човечка криза сме западнати, не само колективно, туку и секој од нас поединечно. Време е секој од нас да се погледне во огледало и да се запраша пред себе си и својата совест (доколку ја има) што правиме со нашите животи и со животите на идните генерации однесувајќи се со „почитување“ клиентелистички и полтронски кон безобразни глупчовци и неграмотни неспособни ликови. Показател на тоа дека Мицкоски, Филипче (Заев) и нивните сателити се подготвени секоја полтронска будала да ја стават на државна функција и да ни покажат колку не им е грижа за сите нас, за нашата Македонија е токму секојдневната енормна количина на јавно искажани глупости и од самите нив кои се претставуваат за некакви си „лидери“. И секогаш кога ќе забележи Мицкоски дека измамата не му поминува тој е арогантен и нервозен. При тоа арогантни и нервозни стануваат сите околу него, па така и ПР-от оди во таква насока.
За да ја намали нервозата која се повеќе го совладува бидејќи знае дека нема чист пат за победа, покрај изборни опструкции кон независните кандидати и некои политички партии, заканите кон граѓаните на Скопје, Мицкоски преку своите клиенти применува модел на трошење на нашите пари заради продавање сказни. А сказните се скапа работа. За 200 илјади евра го повика и исплати оној роднината на Мерлин Монро на денот на пастрмајлиадата во Штип. Бравос бе заштитници на македонската култура и пред се идентитет. По оној во Охрид, оној во Паланка сега и овој во Штип се покажа како вистински патриот ем заштитник на македонскиот идентитет и култура. Ете толку ви фаќа, а се во надеж дека преку сказни, игри и леб ќе ги брлавеете (што би рекле Штипјане) македонските граѓани. Ви фали уште крв за да популистичката римската матрица за владеење ви биде комплетна. Како што си тргнал натаму ја буткаш, не дај Боже да успееш.
И сериозно ја буткаш, но како и секогаш употребуваш јадници кои во секој миг се подготвени да бидат учесници во туѓите, а овој пат повторно твоите будалаштини, а потоа и да ја платат твојата сметка. Потоа тие ќе лежат в затвор, а ти ќе ги бусташ преку ботовите колку се јаки и ќе глумат патриоти. Затоа ти ќе се чудиш кога ќе те закачат на следење службите за безбедност. Иако самите тие – службите, оние нашите македонски тоа го прават по барање на партнерските служби, бидејќи токму некои партнерски служби ги забележуваат и детектираат твоите будалаштини.
Токму овие сказни кои ни ги кажуваат и прикажуваат ни покажуваат колкава е нервозата пред изборите и колку самиот Мицкоски не верува дека нашата партија ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на советничките листи, односно дека паѓањето на бројот на гласови ќе биде страшно голем во однос на оној од пред една година. При тоа, нервозата не е мотивирана од ДУИ и дали ќе бараат предвремени парламентари избори или влез во влада, туку нервозата доаѓа од можните реакции внатре во партијта, а посебно од најблиските клиентелисти и божем верни лојалисти поради што веќе се играат разни интриги на клановите. Единствено ние како Внатрепартиска фракција политички јавно, чесно и на отворен начин ги кажуваме работите мотивирани од интересот на нашите сопартијци и сограѓани.
На ова психолошка тегоба треба да се додаде и неизвесноста од тоа што на Мицкоски ќе му биде кажано и покажано во Лондон на самитот на Западен Балкан. Посебно затоа што никако да тргне во реализација на стратешкото партнерство со Обединетото Кралство. Не заради Обединетото Кралство, ним се им е јасно (им беше јасно и пред да го започнат овој проект но му мереа ум на Мицкоски за да не биде дека не му била дадена шанса), туку затоа што преку маткањата на владата на Мицкоски се закочуваат предвидените процеси кои имаат геополитички влијанија. А геополитичката состојба е многу сериозна и станува се позагрижувачка додека времето се скратува и никој нема време да се зафркава со Мицкоски и неговото русистичко политикантство.
Секако, за да бидеме искрени и коректни до крај, пред се кон самите себе, треба јасно да кажеме дека преку разни сказни кои Мицкоски ги раскажуваше и во минатото пред меѓународната јавност и политика ние како ВМРО-ДПМНЕ ги пропуштивме сите процеси во и околу Македонија. Процеси во кои не учествувавме а низ кои директно можевме политички и општествено, економски и социјално долгорочно да влијаеме врз состојбите во Македонија да бидат подобри и со бенефит врз нашата татковина.
Оттука и предизборните наративи во кои се забележува линија на закани кон граѓаните, ароганција, нетрпеливост, омраза и видлива нервоза поради која се присутни овие наративи и „чуден“ ПР, а посебно опасните сказни повторно со отворени закани кон дел од македонските граѓани во насока на играчка – плачка со етнополитичка заднина. Етнополитичкиот конфликтен процес во Македонија е најлесната точка во која секоја будала може да најде тригер за откочување на конфликтот и влегување во насилство. Такво нешто нема да заврши со сказна, туку со сериозни последици врз Македонија, но од полза на некој други анти европски, анти НАТО, но најмногу анти Македонски сили. И ете повод и причина да Силјановска го повика Советот за безбедност на состанок и да постави прашање до безбедносните служби но и да побара политичка одговорност за овој наратив. Секако, таа тоа нема никогаш да го направи. Ние како Внатрепартиска фракција одамна предупредивме во врска со ова појава за подигање на меѓуетничките тензии во Македонија која Мицкоски ја користи, но и која му е основна задача во прокси Македонија и хибридната војна која ја води против сопствената држава и секако против НАТО.
Затоа мораме да бидеме со висока граѓанска самосвест во однос на овие избори, да не ја прифаќаме и да не преземе туѓата нервоза поради неговите политикантски состојби и да не веруваме во сказните кои ни ги раскажуваат за да ги постигнат политикантските цели. Токму низ призмата на нашата граѓанска самосвест и глас ќе дојдеме до одговорност за малтретирањето кое го живееме последниве три години во Скопје, до одговорност за она што се случи во Кочани и за она што се случува насекаде низ Македонија.
Како Внатрепартиска фракција во ВМРО-ДПМНЕ согласни сме со нашите сопартијци и членови на фракцијата кои во неколку градови низ Македонија излегоа како независни кандидати за градоначалници. Во оваа фаза нема јавно да зборуваме за нив, едноставно ја разбираме потребата на нашите сопартијци на секој начин да се спротивстават на автократијата, не демократскиот капацитет на Мицкоски и потребата од демократизација на партијата, а посебно на изборниот наратив, нервозата која Мицкоски ја покажува и сказните со кои мисли да не заигра, намавнувајќи дури и со крв, за сликата да биде комплетна.