Праведно Скопје, кое ќе се развива подеднакво во сите општини. Скопје, чисто, дигитализирано, зелено, модерно, кое ќе биде на сите и со кое ќе се гордеат сите, вети кандидатот за градоначалник на Град Скопје Скендер Реџепи – Зејд од Националната алијанса за интеграција.
За таа цел, рече тој, доколу биде избран на функцијата ќе работи на средување на урбаниот хаос, за намалување на загадувањето на воздухот, нефункционалниот транспорт, на подобрување на условите за младите…
-Во мандатот ќе работиме на дигитализација, така што граѓаните со еден клик ќе можат да ги добиваат потребните документи и да плаќаат данок. И за јавниот траспорт ќе се направи соодветна апликација во реално време да се знае распоредот на возење. Во сите населени места ќе има и сензори за вода, паркинг, сообраќај, воздух, рече на прес-конференцијата Реџепи промовирајќи ја својата програма.
За јавниот превоз истакна оти во моментов го користат од 15 до 20 проценти од граѓаните, и дека планираат искористеноста да се зголеми на 40 проценти. За таа цел, ќе се обезбедат и електрични автобуси за ЈСП, но и субвенции за набавка на такви автобуси од страна на приватните превозници. Тоа, нагласи, ќе влијае и на намалување на загадувањето во градот, проблем кој ги засега сите граѓани. Најави дека ќе бидат засадени 100 илјади дрвја со цел да се зголеми зеленилото во градот од сегашните 12 м2 по жител на 20 м2 по жител во градот. Ќе се работи и на унапредување на рециклирањето на отпадот, на подобрување на уличното осветлување и обезбедување пристап до водовод за сите.
-Ќе се залагаме за праведно Скопје, без дискриминација на која било општина, а не како досега кога дел од општините немаа реализација на проекти поддржани од Градот, рече Реџепи.
Најaви ревитализирање на Скопскиот парк, паркот Сарај, но и Матка во интерес на сите граѓани.
На прес-конференцијата се обрати и носителот на листа Абдулселам Селами, кој ги претстави и сите кандидати за членови на Советот на Град Скопје.
Мисијата ни е, рече тој, еднакво Скопје, инвестиции во секоја општина, секоја населба. Убеден сум, нагласи Селами, дека ако се работи правилно и искрено Скопје може да биде убав, чист и атрактивен град.