ЦИВИЛ – Центар за слобода вчера (1 октомври) во Штип одржа прв локален настан во рамките на проектот „Демократски навигатор“. Настанот се одржа во хотел „Оаза“ каде што се собраа граѓани, локални лидери и претставници на граѓански организации за отворен дијалог и размена на идеи за зајакнување на демократијата на локално ниво.
Главната тема на средбата беше: „Од локални гласови до заеднички иднини: Демократски навигатор во Штип – Локални гласови, заеднички вредности“. Преку презентација и интерактивна дискусија, учесниците разговараа за предизвиците со кои се соочува демократијата, како што се хибридните закани, пропагандата и дезинформациите, како и за улогата на граѓаните во унапредување на изборните процеси и демократските институции.
Претставниците на ЦИВИЛ истакнаа дека целта на настанот е поттикнување на конструктивен дијалог и градење на поинклузивни заедници, особено во пресрет на локалните избори.
Пред почетокот на настанот, претставниците на ЦИВИЛ одржаа прес-конференција во која го претставија проектот. Исто така упатија апел до политичките чинители и нивните поддржувачи да се воздржат од користење говор на омраза и сексизам кон жените кои учествуваат во изборната трка.
Проектот „Демократски навигатор“ е финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија и е посветен на борба против дезинформациите, пропагандата и хибридните закани, вклучително и во изборен контекст.