Францускиот премиер Себастијан Лекорну поднесе оставка, по само еден ден откако беше претставен неговиот кабинет и помалку од еден месец откако беше назначен на функцијата.
„Условите не беа исполнети за да продолжам како премиер“, рече Лекорну во понеделник наутро и ја критикуваше неподготвеноста на политичките партии да постигнат компромиси, пренесува Би-би-си.
Елисејската палата го објави ова откако Лекорну се сретна со претседателот Емануел Макрон во понеделник наутро во текот на еден час.
Шокантниот потег доаѓа само 26 дена откако Лекорну беше назначен за премиер по падот на претходната влада на Франсоа Бајру.
Партиите од сите блокови во Националното собрание жестоко го критикуваа составот на кабинетот на Лекорну, кој во голема мера беше непроменет од оној на Бајру, и се заканија дека ќе гласаат против него.
Неколку партии бараат предвремени избори, а некои бараат Макрон да си замине – иако тој отсекогаш велел дека нема да се повлече пред да му заврши мандатот во 2027 година.
Д. Мишев