Вкупно 202 руски војници се осудени за кршење на законите и обичаите на војување во Украина, изјавија од Канцеларијата на генералниот обвинител (ОГО) во одговор на барањето на Укринформ.
„До денес, според член 438 од Кривичниот законик на Украина – кршење на законите и обичаите на војување – обвинети се 1.012 лица, до судот се испратени обвиненија против 742 лица, а 202 се осудени, од кои 19 биле физички присутни на суд“, соопшти ОГО.
Канцеларијата на обвинителството, исто така, објави дека, заедно со меѓународните партнери, продолжуваат истрагите за руските воени злосторства извршени во Буча и округот Буча во регионот Киев.
„Досега се обвинети 199 лица, поднесени се обвиненија против 151 лице, а 27 воени злосторници се осудени – еден од нив е физички присутен и осуден на 12 години затвор“, се наведува во соопштението.
Претходно, украинските агенции за спроведување на законот објавија истраги за егзекуциите на 322 украински воени затвореници, вклучувајќи 263 убиени на бојното поле и 59 во казнената колонија Оленивка.
Д. Мишев