Нашата опозиција, која доживеа историски дебакл, ја слушам како се храбри, па дури и прави пресметки околу пратенички места. Сфаќам дека се наоѓаат во тежок изборен нокаут од народот, но со нереални математики само дополнително го иритираат, рече премиерот Христијан Мицкоски при денешното обраќање во МНТ по повод „23 Октомври“.
-Она што е интересно е што дури и во нивните анализи тие кажуваат дека убедливо ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаа јасна и чиста победа. Нема пресметка во која тие би победиле на било каков начин. Тоа покажува дека сè уште не научиле ниту една лекција, што во извесна мера е и потценување на сопствениот народ и гласачи. И сето тоа во извесна мера е и обид да создаде алиби за својот дебакл. Да го задржат лидерството од бранот незадоволство на членовите на таа партија. Овој бран на огромна поддршка за нас и ваква разлика со конкурентите е огромна одговорност за нас, и ние ќе работиме да ја оправдаме довербата.
А на опозицијата ќе им оставаме време да се консолидираат и да размислат дали ќе се осмелат да одат на предвремени избори, кои да бидам директен јас не ги посакувам и сметам дека се непотребни и дека е време за резултати и голема офанзива на секој план, изјави Мицкоски, пренесе МИА.