Поранешната потпретседателка на САД, Камала Харис, не ја исклучува можноста повторно да влезе во претседателската трка во 2028 година. Во своето прво интервју во Велика Британија, за Би-Би-Си, Харис изјави дека „веројатно еден ден ќе има жена претседател“ и додаде дека „можеби тоа ќе бидам јас“.
Харис, која минатата година загуби од републиканскиот кандидат Доналд Трамп, ги отфрли анкетите кои ја прикажуваат како аутсајдер во редовите на Демократската партија.
„Да слушав анкети, никогаш немаше да се кандидирам за првата функција – и сигурно немаше да седам тука“, изјави таа.
Во интервјуто, поранешната потпретседателка остро го критикуваше Трамп, нарекувајќи го „тиранин“ и обвинувајќи го дека ги злоупотребува федералните институции за политички цели. Таа посочи дека неговото влијание врз медиумите и комичарите, вклучувајќи ја суспензијата на Џими Кимел, е доказ за авторитарното однесување што, како што рече, „го предвидовме уште за време на кампањата“.
Харис призна дека поразот од Трамп бил „трауматичен“ за неа и нејзиниот тим, но нагласи дека сè уште има политичка иднина. „Не сум завршила. Целиот мој живот е живот на служба – тоа ми е во коските“, рече Харис.
Таа оцени дека нејзината кампања во 2024 година започнала предоцна и дека немала доволно време да ги пренесе своите пораки до гласачите, особено во однос на економијата, домувањето и грижата за децата.
Харис моментално е на турнеја за промоција на својата нова книга, но аналитичарите сметаат дека нејзините изјави можат да се протолкуваат како почеток на нов обид за влез во Белата куќа, пишува Би-би-си.












