Да ги направиме уставните измени, најдобри ќе бидеме и потоа да добиеме ново вето и повторно нови проблеми и тогаш сигурно ќе добиеме петка и ќе бидеме шампиони, изјави Мицкоски во коментар на извештајот на ЕК за напредокот на Северна Македонија, кој експертите го оценија меѓу најлошите досега.
Но, што знаат тие кога заклучоците ги базираат на случувањата во сегашноста. За разлика од нив, премиерот Мицкоски очигледно прима информации од иднината, и веќе однапред знае што ќе се случува, и како ќе реагираат некои членки на ЕУ.
Дали и Мицкоски, како и неговиот претходник на лидерското место во ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, кој користеше услуги на бајачки и гатачки, од кои една од нив своите видовити совети ги даваше од позиција на вработена во Царина, го вклучил истиот канал за да дознае што ќе се случува во иднината.
Следејќи ги изјавите на Мицкоски, се чини дека и тој има одредени предзнанија за случувањата во иднината, во конкретниов случај, дека што и да направи, ни следи ново вето. Со тоа го оправда непреземањето конкретни чекори за отворање на преговорите за членство во ЕУ. Секако, таа одлука му се заснова на „емпириски научно докажани методи“, презентирани од страна на видовите советници. Можеби токму на истата гатачка/советничка на Грујо, која, ништо чудно, повторно да ја вратил на старото работно место во Царина.
Истото може да се забележи и од дистописката изјава од паралелен универзум на Мицко, во кој ние сме далеку пред Албанија (која патем веќе ги започна преговорите и отвори неколку поглавја), која таму, во другата димензија, е на трето место, а ние, заедно со Србија, сме на второ место.
Но, дури и во тој дистописки свет на Мицко, кога раскажува “сониња“, не смее да ја стави земјава пред Србија, туку, само сложно, братски, рамо до рамо, како што приличи во „српскиот свет“, во кој веќе одамна ја втурна Северна Македонија.
Ностра Дамус, гатач на графчиња и советник на влади од онаа страна на разумот












