Комитетот за животна средина, клима и безбедност на храната на Европскиот парламент синоќа со 55 гласа „за“, 32 „против“ и ниту еден „воздржани“ го усвои Предлог-текстот за ставот на ЕП во меѓуинституционалните преговори за измените на Законот за клима, што ги предложи Европската комисија.
Во усвоениот документ Комитетот ја поддржа предложената цел од страна на Еврокомисијата за намалување на емисиите на стакленички гасови до 2040 година за 90 отсто во однос на нивото од 1990 година, како дел од заложбите за постигнување на климатска неутралност на ЕУ до 2050 година.
Европратениците во документот оваа цел ја поставуваат како „задолжителна“, што е спротивно со ставот на членките на ЕУ, усогласен минатата среда во раните утрински часови, каде исто така се поддржува целта за намалување на емисиите на штетни гасови за 90 отсто до 2040, но на земјите им се остава можност за отстапување од оваа цел до пет отсто, што би го компензирале со т.н. јаглеродно гранично прилагодување.
Механизмот јаглеродно гранично прилагодување (ЦБАМ) овозможува плаќање на еден вид такса за високи емисии на јаглерод диоксид.
Во утврдениот став на ЕП се предлага можност за користење на ЦБАМ до пет отсто во периодот од 2036 до 2040 година, со почитување на строги заштитни мерки. Дополнително, европратениците предлагаат т.н. систем за тргување со емисии (ЕТС) на гасови од согорувањето на горива во зградите и од патниот транспорт да почне во 2028 година, наместо во 2027-та како што предлага Еврокомисијата.
Европратениците предлагаат и Комисијата на секоја втора година да врши проценка на напредокот во остварувањето на целите од страна на земјите членки, утврдување на предизвиците со кои тие се соочуваат, како и да ги проценува трендовите на движење на цените на енергијата и нивните последици по бизнисите и домаќинствата.
Врз основа на овие проценки на Комисијата и се остава можност да предложи измени на Законот за климата, вклучително и на климатските цел за 2040 година или да преземе дополнителни мерки за заштита на конкурентноста, поддршка на просперитетот или зајакнување на социјалното единство на ЕУ.
Сега останува по Предлог-текстот за ставот на ЕП во преговорите да се изјаснат европратениците на пленарната седница на 13 ноември, пренесе МИА.












