Избирачкото место 1191, ООУ “Никола Карев“, Крушево се наоѓа на втор кат и е непристапно за лица со посебни потреби.
Избирачкото место 2839, Работнички универзитет „Кочо Рацин“, Центар, Скопје, се наоѓа на кат без пристап за лица со посебни потреби.
Во избирачко место 2673, ОУ „Браќа Миладиновци“, Аеродром, Скопје, параванот за гласање на лица со посебни потреби воопшто не бил ни поставен. Истиот случај е пријавен и во Тетово во избирачко место 1994/1, ССОУ „Моша Пијаде“.
Во голем број општини — безмалку во сите — се бележат случаи каде избирачките места се лоцирани на горни катови без лифт, со непристапни влезови и нефункционални паравани. Во некои случаи, параваните наменети за лица со попреченост биле собрани и тргнати настрана. Со тоа, државата практично им го ускрати правото на глас на стотици граѓани. Ова не е технички пропуст – туку акт на дискриминација.
Изборите уште еднаш ја потврдија системската дискриминација кон повозрасните лица и лицата со попреченост.
Овој текст е дел од серијалот со заеднички наслов „Од бележникот на набљудувачот на ЦИВИЛ“ со што на јавноста ѝ се откриваат детали за текот на изборниот процес низ илустративни примери за случувањата и состојбите.
ЦИВИЛ излезе на терен со 60 акредитирани мобилни изборни набљудувачи, додека состојбите во изборен контекст се следеа подолго време, односно интензивното долгорочно набљудување на изборниот процес започна на почетокот на август. На овие избори, организацијата бележи и зголемен број пријави и од граѓанките и граѓаните кои пријавуваа изборни нерегуларности или се јавуваа со прашања поврзани со нивното право на глас.
Изборниот мониторинг на ЦИВИЛ е дел од проектот „Демократски навигатор“ кој претставува одговор на дезинформациите и хибридните закани, поддржан од Сојузното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија. ЦИВИЛ го спроведува проектот во соработка со партнерските организации и коосновачи на Глобалната иницијатива за одбрана на демократијата (DDGI). Една од компонентите на проектот е токму изборниот мониторинг по чие завршување организацијата ќе објави детален извештај, анализа и стратешки препораки до институциите, јавноста, и меѓународната заедница.
Биљана Јордановска












