На Избирачкото место 2972, ОУ „26 јули“, Шуто Оризари – лице кое било пуштено на викенд од затворот во Шуто Оризари, го има при проверка со фингерпринт, но го нема во Избирачкиот список. Избирачкиот одбор не му дозволил да гласа.
Истото му се случило и во првиот круг, но тогаш му дозволиле да гласа и го завеле случајот во дневникот за евиденција. Откако овој пат не му било дозволено да гласа, тој, според набљудувачот на ЦИВИЛ, изјавил дека не сака да прави проблем да не заврши повторно во затвор.
Ова се случило со неколку лица што биле пуштени на викенд, избирачкиот одбор не им дозволил да гласаат.
Се работи за сериозен превид од страна на изборната администрација, како и ДИК. Со овие случаи се попречува фундаменталното право на глас, на секој граѓанин.
Овој текст е дел од серијалот со заеднички наслов „Од бележникот на набљудувачот на ЦИВИЛ“ со што на јавноста ѝ се откриваат детали за текот на изборниот процес низ илустративни примери за случувањата и состојбите.
ЦИВИЛ излезе на терен со 60 акредитирани мобилни изборни набљудувачи, додека состојбите во изборен контекст се следеа подолго време, односно интензивното долгорочно набљудување на изборниот процес започна на почетокот на август. На овие избори, организацијата бележи и зголемен број пријави и од граѓанките и граѓаните кои пријавуваа изборни нерегуларности или се јавуваа со прашања поврзани со нивното право на глас.
Изборниот мониторинг на ЦИВИЛ е дел од проектот „Демократски навигатор“ кој претставува одговор на дезинформациите и хибридните закани, поддржан од Сојузното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија. ЦИВИЛ го спроведува проектот во соработка со партнерските организации и коосновачи на Глобалната иницијатива за одбрана на демократијата (DDGI). Една од компонентите на проектот е токму изборниот мониторинг по чие завршување организацијата ќе објави детален извештај, анализа и стратешки препораки до институциите, јавноста, и меѓународната заедница.
Д. Тахири












