Палестинската управа (ПА) денеска повика на итно спроведување на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се поддржува мировниот план за Газа на американскиот претседател Доналд Трамп, позиционирајќи се против палестинската милитантна група Хамас.
Во соопштението, ПА истакна дека итното спроведување е неопходно за да се заштити народот на Газа, да се спречи раселување, да се обезбеди целосно повлекување на израелските сили, да се овозможи реконструкција на тешко оштетената инфраструктура и да се поддржи решението со две држави.
Планот на Трамп предвидува групата Хамас — која е ривал на ПА — да биде разоружена, потоа распоредување на меѓународни стабилизациски сили и воспоставување преодна администрација што ќе ја водат непартиски палестински технократи.
ПА соопшти дека е подготвена да соработува со Соединетите Американски Држави, Европската Унија, земјите со муслиманско мнозинство и членките на Советот за безбедност на ОН за спроведување на резолуцијата на начин што ќе го олесни страдањето на Палестинците во Газа, на Западниот Брег и во Источен Ерусалим.
„Патот кон мирот меѓу Израелците и Палестинците мора да напредува и да се заснова на решение со две држави“, се вели во соопштението, со визија за иднина во која независна палестинска држава мирно коегзистира со Израел.
Хамас, за разлика од ПА, го отфрла решението со две држави и повикува на уништување на Израел и воспоставување исламска држава низ историска Палестина.
Милитантната група ја отфрли резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, велејќи дека таа не ги исполнува политичките и хуманитарните барања на Палестинците.
„Резолуцијата наметнува механизам за меѓународно старателство врз Појасот Газа, што нашиот народ и неговите фракции го отфрлаат“, објави групата на Телеграм.
Владата на Израел, исто така, се противи на решението со две држави, тврдејќи дека палестинска држава би го загрозила постоењето на Израел, и ја критикуваше ПА за наводно промовирање тероризам во Газа, пренесе МИА.












