Опозициската СДСМ денеска поднесе официјална пријава до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во врска со тендери во вкупна вредност од околу 9 милиони евра, за кои, како што наведуваат, постојат сериозни индиции за корупција и фаворизирање.
Петар Огњеновиќ од СДСМ информираа дека пријавата е доставена заедно со целокупната документација, докази и информации што партијата ги објавила во изминатите денови.
„Премиерот Христијан Мицкоски јавно изјави дека, доколку има корупција и криминал во случајот со тендерот од 9 милиони евра, институциите треба да реагираат. Токму затоа денеска сме тука – да поднесеме официјална пријава со сите докази“, изјави Огњеновиќ пред ДКСК.
Од партијата нагласуваат дека нема да дозволат, како што велат, случајот да остане само на ниво на прес-конференции.
„Како што ветивме, нема да дозволиме ова да остане само јавно објавена афера. Институциите мора да постапат, крадењето на народот да запре и да има одговорност“, порачаа од СДСМ.
Во пријавата, според наводите на опозицијата, особено е спорно тоа што фирма основана пред една година, со само двајца вработени, добила државни тендери вредни близу 9 милиони евра.
„Кога фирма со ваков капацитет добива милионски државни договори, тоа отвора сериозен сомнеж за шема за испумпување пари од граѓаните“, велат од СДСМ.
Дополнително, од партијата посочуваат дека од вкупно шест договори со милионска вредност, четири се склучени со Генералниот секретаријат на Владата, што, според нив, дополнително го зајакнува сомнежот за фаворизирање.
СДСМ побара од ДКСК да отвори предмет, да спроведе постапка и да ги испита сите елементи поврзани со случајот, нагласувајќи дека борбата против криминалот и корупцијата, како што велат, ќе продолжи.











































