Изјавите и потезите на администрацијата на САД во врска со Гренланд повторно ја отворија опасната логика дека во 21 век територии, народи и суверенитети може да се третираат како предмет на геополитичка трговија. Во пресрет на разговорите во Белата куќа, Данска и Гренланд настапија со редок, но неопходен заеднички став: Гренланд не е на продажба, ниту е прашање за кое може да се преговара надвор од волјата на неговите граѓани.
Гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен и данската премиерка Мете Фредериксен јасно порачаа дека сите разговори со Соединетите Држави може да се водат исклучиво во рамките на соработка и безбедност, но не и на сметка на суверенитетот. Оваа позиција доаѓа во момент кога американскиот потпретседател Џеј Ди Венс треба да биде домаќин на средба со министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд – средба која се одвива во сенка на сериозен политички притисок од Вашингтон, пишува Гардијан.
Наместо деескалација, ситуацијата дополнително се влоши со изјавите на претседателот Доналд Трамп дека „сè помалку од американска контрола над Гренланд е неприфатливо“.
Како одговор на зголемениот притисок, Данска најави зајакнување на безбедносното и военото присуство во регионот, додека во САД анкетите покажуваат ограничена јавна поддршка за идејата за преземање контрола врз Гренланд.
Европските реакции беа остри. Повеќе европски лидери јавно застанаа во одбрана на Гренланд, предупредувајќи дека ваквите изјави претставуваат опасен преседан. Данска најави и засилување на своето безбедносно присуство во регионот, што дополнително ја нагласува сериозноста на ситуацијата и недовербата во „пријателските намери“ на Вашингтон, објави Гардијан.
Развојот на настаните укажува дека прашањето за Гренланд сè повеќе се претвора во тест за трансатлантските односи, каде што се судираат геополитичките амбиции на Вашингтон со европските принципи за суверенитет и самоопределување.
Подготви: Б. Ј.












