Муцунски јуниор вчера одново апелираше до јавноста да не избрзува со заклучоци околу сознанието дека нашава земја е ставена во ред на многу држави од типот на Сомалија со одлуката на САД на наши граѓани да не им се даваат иселенички визи. Секако шокот – пред сѐ, за него – доаѓа заради фактот што најновата администрација во Вашингтон целосно не го признава неговиот подлизурковски однос во однос на нивната политика, бидејќи ако САД може да сметаат на нечиј глас во ОН, тој Македонија може да им го даде дури и кога постои целосна изолација во светски размери од другите земји!
Ова ме потсетува на фактот дека Вучиќ своевремено даде 2 милиони долари како донација за Републиканската партија на еден митинг одржан на Флорида, а сепак не беше примен од Трамп, па наеднаш го фати срцето и мораше авионски да го носат дома.
Не, Муцунски е млад и… има аргументи зошто е толку упорно игнориран од новиот американски претседател. Затоа и ништо не го боли! Па Трамп ни даде нам (како и на Србија) највисоки царински тарифи, да се потсетиме од 36 проценти поени (повисоки верувајте нема), иако ним не им поставуваме никакви бариери на американските производи! На инаугурацијата на Трамп заминаа од Скопје дузини политичари (некои сосе семејствата), па одвај премиерот доби билет да гледа пренос (!) во една спортска сала на голем екран. Какво понижување. Го изгубивме и оној аргумент на Иванов дека контра-партнерот ни намигнал од пристојно растојание како знак на добра волја!
Што се аргументите на Муцунски во овој случај? Па игнорот се однесувал само на иселенички визи, а не на покривање на други потреби на нашите граѓани, на пример. А од друга страна се признава дека се нема податоци од каде тој знае дека се толку малку барања од наши граѓани по овој основ и дека забраните се однесуваат на најстарите граѓани. УФ! Па верувајте, административците одговорни за визната политика се заштитени дури и од љубопитноста на своите амбасадори, за да нема притисоци за визи, само што тоа не стигнало до ушите на Муцунски. Млад е уште, да не замеруваме, ќе речат во ВМРО. Божем МНР е некаква образовна установа, па има доста да учи. Само мора до сега да увидел дека она што го заслужил тој и неговите политички пајташи од страна на американската администрација е – чиста игноранција. Па толку да се има дебела кожа…
Текстот е личен став на авторот | ЦИВИЛ МЕДИА













