Четири години по почетокот на руската инвазија врз Украина, Европската унија ја подготвува дваесеттата рунда санкции. Намерата е пакетот да биде усвоен до крајот на февруари, но очекувањата во Брисел се скромни: мерките тешко дека ќе бидат радикални, поради потребата од едногласност и стравот од дополнителен економски удар врз самата Унија.
Се очекува проширување на црната листа со нови поединци и компании, мерка што досега се покажа како политички сигнал, но со ограничен реален ефект. Вистинскиот фокус, сепак, се префрла кон т.н. „флота во сенка“ – мрежа од стотици бродови што транспортираат руска нафта заобиколувајќи го ограничувањето на цената на Г7.
Според проценките на ЕУ, околу 65 отсто од поморскиот извоз на руска нафта се одвива преку вакви канали. Затоа, на маса е предлог за целосна забрана за обезбедување поморски услуги од страна на компании од ЕУ за сите бродови што превезуваат руски енергенси – нафта, гас или јаглен. Оваа мерка, поддржана од неколку земји членки, би значела директен удар врз логистичката и финансиската инфраструктура што ѝ овозможува на Москва да ја одржува воената економија.
Но токму тука се судираат принципите со политичката реалност. Санкционирањето на големите руски енергетски компании и нуклеарниот сектор и понатаму останува табу за дел од земјите членки, иако САД и Обединетото Кралство одамна ги направија тие чекори.
Дополнителен проблем е системското заобиколување на санкциите преку трети земји. ЕУ бележи нагло зголемување на увозот на одредени производи од држави со минимални производствени капацитети, што укажува на прикриен реекспорт од Русија и Белорусија – појава што ја поткопува веродостојноста на целиот санкциски режим. Особено чувствително е прашањето за увозот на ураниум од Русија, кој достигнува вредност од над 116 милијарди долари годишно. И покрај постоењето на алтернативни добавувачи, консензус за радикален чекор сè уште нема.
извор: РСЕ












