Европските земји и САД разгледуваат план за координиран воен одговор доколку Русија систематски го прекршува евентуален иден договор за прекин на огнот во Украина, објави Financial Times, повикувајќи се на извори запознаени со разговорите,пренесе Гардијан.
Според предлогот, за кој дискутирале украински, европски и американски официјални претставници, Кијив и западните сојузници се согласиле дека повторени прекршувања на прекинот на огнот од страна на Русија би довеле до заедничка воена реакција на САД и Европа.
Изворите наведуваат дека при прв прекршок, реакцијата би следела во рок од 24 часа, започнувајќи со дипломатско предупредување, по што украинската армија би презела ограничени дејства со цел да го запре нарушувањето на примирјето.
Доколку борбите продолжат, би се активирала втора фаза, која би вклучувала интервенција на силите на т.н. „коалиција на подготвените“ – група од над 20 сојузнички држави на Украина кои се согласиле да ѝ обезбедат безбедносни гаранции на земјата по постигнување прекин на огнот со Русија. Москва, засега, останува на своите максималистички позиции.
Во случај прекршувањето да ескалира во поширок напад, три дена по првичниот инцидент би се активирал координиран воен одговор на западно поддржани сили, со директно учество на американската војска, тврдат истите извори.
Разговорите за овој план се воделе во неколку наврати во текот на декември и јануари, меѓу американски, европски и украински претставници.
Британскиот премиер Кир Стармер, кој се смета за еден од главните промотори на иницијативата „коалиција на подготвените“, изјави минатиот месец по разговорите во Париз дека Обединетото Кралство и Франција би испратиле трупи во Украина „во случај на постигнување мировен договор“ со Русија.
Од друга страна, Москва повтори дека секое распоредување на странски воени сили или инфраструктура на украинска територија ќе го смета за неприфатлива странска интервенција и дека таквите сили ќе бидат третирани како легитимни воени цели. Ова го соопшти руското Министерство за надворешни работи, повикувајќи се на изјава на шефот на дипломатијата Сергеј Лавров.
Во меѓувреме, втората рунда разговори меѓу руските, украинските и американските претставници, поврзана со план изготвен од САД за завршување на војната, треба да започне во среда, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на викендот.
И покрај интензивираните дипломатски напори за ставање крај на руската целосна инвазија, која трае речиси четири години, нападите врз украинските градови продолжуваат.
Рано утринава, руските сили извршија напади врз Кијив, Харкив и други градови, соопштија украинските власти. Нападите предизвикале пожари и нови оштетувања на енергетската инфраструктура, а најмалку четири лица се повредени во двата најголеми града на земјата.
извор: Гардијан












































