ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
МТВ денес ја најде формулата да се зборува за аферата со фатената испорака од пет тони марихуана во Србија, под превезот на извоз на корнишони, што кај соседите е тема број еден речиси една недела! Дрогата е испратена од скопска фирма, која во еден дел, оперативниот, е сместена во скопски ОХИС. Конкретниот „стопански субјект“ е основан непосредно по изборите на кои победи ВМРО-ДПМНЕ (мај 2024), а одговорноста за тоа што се произведувало и како дрогата ја преминала нашата граница со Србија си ја сноси владата на Мицковски и нејзините државни ресурси.
Бидејќи со денови таа афера се криеше на нашите поважни медиуми, МТВ, преку директно соочување со премиерот во вестите денеска во 17 часот го реши својот проблем – што и колку да се каже за оваа голема бламажа и во светски рамки. Па, што ќе каже премиерот – тоа ти е, да не му ја мислат уредниците и да не препрашуваат. Чисти раце.
И што кажа Мицкоски? Речиси ништо. Имало полициска акција, била запленета многу марихуана (!), по што полицијата по втор пат (вчера беше првиот) влезе во ОХИС, по гостувањето на Мицкоски на ТВ, кој за политиката на овозможување на одгледување на марихуана за медицински потреби ја обвини Владата на Заев и ДУИ.
Но законот за регулирање на таа материја го донесе Владата на Груевски, го промовираше тогашниот министер за здравство, Никола Тодоров, а ТВ Сител вршеше пренос како истиот и доделува работна дозвола на првата фирма од тој калибар (МАМ) во април 2017 година, кога СДСМ никако не можеше да ја авансира победата на изборите од декември 2016 година. Првиот добитник е продуцент во ТВ Сител. Ако лаже коза, рог не лаже…
Каква лага на премиерот, кој сега ќе се фали со запленета марихуана! Таа не е нелегална дрога ако е во магацин, туку ако се пушта во промет надвор од Законот. Ама кој во МТВ ќе прашува такви „дребулии“. Што ќе каже премиерот, тоа ти е.
Текстот е личен став на авторот | ЦИВИЛ МЕДИА











































