ДРАГАН МИШЕВ
Додека директорот на фондот за здравство, Сашо Клековски преку социјалните мрежи ги убедува граѓаните на Северна Македонија колку „многу“ може да се купи со минималната бруто плата во Македонија, и дека земјата е далеку од дното и се искачува од 26. место номинално на 20. место во регионот, но и ЕУ+земји кандидати, здравјето на дијабетичарите повторно е доведено во прашање, откако по којзнае кој пат во инсулинските аптеки се појави недостиг на дел од терапијата за дијабетес.
Како и во декември, кога на крајот на минатата година, оваа не мала категорија граѓани остана без лекот Рибелсус, но и без дел од инсулинската терапија, недостигот продолжи и во јануари оваа година, кога според Здруженијата на пациенти, околу 400 до 500 пациенти со дијабетес тип 2 останаа без овој лек.
И похрај континуираните предупредувања за недостатоци на лекови во третманот на дијабетесот, нема подобрување на состојбата. Повторно, на средината на месец февруари, лекот Рибелсус сѐ уште не беше дистрибуиран до инсулинските аптеки. По контактите со инсулинските аптеки, дознаваме дека во дел од аптеките, поточно во таа во поликлиниката Бит Пазар, дури денес, на 13 февруари, започнал да се дистрибуира дефицитарниот лек, додека при последното јавување утрово во поликлиниката Јане Сандански, лекот сѐ уште го немаше.
За потсетување, лекот Рибелсус го намалува ризикот од кардиоваскуларни компликации кај пациентите со дијабет тип 2, кои во државата, според Министерството за здравство, ги има речиси 136.000.
Лекот на пациентите со дијабетес им се издава бесплатно во инсулинските аптеки, но истиот не се наоѓа на Позитивната листа и како таков, не паѓа на товар на Фондот за здравствено осигурување и вон инсулинските аптеки, неговата набавка паѓа на товар на пациентите. И оние кои не можат да си го дозволат, го минуваат месецот без него. Некои го купуваат во соседството, пред се во аптеките во пограничните места во Косово, каде истиот се продава по поевтина цена.
И наместо да ја спроведува партиската агенда за спинување и убедување на населението дека во земјава квалитетот на животот е подобар од оној кој тие навистина го чувствуваат во секојдневниот живот, директорот на фондот за здравство, Клековски треба посериозно да се зафата со подобрување на квалитетот на услугите за пациентите во земјава, меѓу кои спаѓаат и дијабетичарите. Граѓаните, всушност, за тоа и го плаќаат
Текстот е личен став на Авторот














































