Актуелната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителките Ленче Ристовска и Лидија Раичевиќ, како и судијата од Кривичниот суд Ненад Савевски, се меѓу четворицата кандидати кои добија позитивно мислење од Советот на јавни обвинители во трката за прв човек на Јавното обвинителство.
Членовите на Советот констатирале дека сите четворица кандидати поседуваат долгогодишно професионално искуство и интегритет. Претседателот на Советот, Башким Бесими, изјави дека зелено светло добиле сите што ги исполнуваат законските услови.
„Дадовме позитивно мислење затоа што сите кандидати ги исполнуваат условите. Едниот е судија со успешно искуство и во Јавно обвинителство и во судовите. Не можевме да ги делиме, бидејќи сите имаат 15, 20 или 30 години стаж како обвинители, па затоа дадовме позитивно мислење“, рече Бесими.
Тој ги отфрли забелешките дека Советот избегнал да преземе одговорност за избор на најстручниот кандидат и дека со тоа ѝ остава простор на Владата да донесе политичка одлука.
„Не се остава простор за политика, бидејќи сите кандидати ги исполнуваат условите согласно закон. Ние не можеме да дадеме негативно мислење за обвинител кој 15 или 20 години секојдневно постапува по предмети и работи во судница“, додаде Бесими.
Единствениот кандидат кој не доби поддршка е разрешениот судија Владимир Панчевски. Советот едногласно оцени дека тој не ги исполнува условите, односно нема непрекинат работен стаж од најмалку десет години, по неговото разрешување поради вмешаност во манипулации со АКМИС-системот.
Следно, Советот ќе ги достави позитивните мислења за четворицата кандидати до Владата, која треба да одлучи кого ќе предложи до Собранието за избор на нов државен јавен обвинител.
М. Д.












































