Партијата Тиса на Петер Маѓар води пред владејачката Фидес на Виктор Орбан, според анкетите објавени во февруари и почетокот на март 2026 година.
Иако податоците од различни анкети варираат, трендот во независните истражувања потврдува значително водство за опозицијата пред парламентарните избори закажани за 12 април 2026 година.
Резултатите од последните анкети (февруари/март 2026) покажуваат предност на опозицијата. Така, истражувањето на Závecz Research во февруари покажува дека меѓу одлучените гласачи, опозициската Тиса има 50%, додека владејачката Фидес има 38% поддршка. Со ова, предноста на опозицијата порасна на 12%, што е зголемување од јануарските 10%. Кон крајот на февруари, анкетата на Medián, која се смета за една од најпрецизните во Унгарија, покажува уште поголем јаз: 55% за Тиса наспроти 35% за Фидес меѓу сигурните гласачи.
Publicus Institute во март покажува поддршка од 47% за „Тиса“ и 39% за „Фидес“. Провладиниот Nézőpont Institute, спротивно на повеќето истражувања, ова истражување му дава предност на Фидес со 46%, додека за Тиса измери 40% поддршка.
Авторитарниот лидер на Унгарија се наоѓа пред најголемиот изборен предизвик во 16-те години владеење, пред сѐ, поради економската стагнација и корупциските скандали, како и поради назадувањето на демократијата и кршењето на човековите права и слободи во земјата.
И во поглед на геополитичкото позиционирање, Орбан плови со тотално спротивен курс од оној на Европска Унија. Тој продолжува да се противи на помошта за Украина и го блокира нејзиниот пристап во ЕУ. Спротивно на тоа, неговиот политички соперник Петер Маѓар се залага за поцврста соработка со ЕУ и НАТО, ветувајќи деблокирање на замрзнатите европски фондови и борба против корупцијата.
Што се однесува до другите политички партии, единствената која се очекува да го помине прагот од 5% е десничарската Наша татковина (Mi Hazánk), со поддршка помеѓу 5% и 8%.
Џ. Дерала











































