Прашањето за евроинтеграциите сѐ поотворено се позиционира како суштинско државно прашање, а не како дневнополитичка тема. Во тој контекст, изјавите на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, се надоврзуваат на пошироката дебата што веќе се води во јавноста – дали застојот кон Европска Унија носи реални ризици за иднината на државата.
Во интервју за МТВ 1, Филипче предупреди дека евроинтегративниот процес не треба да се сведува на партиска реторика, туку да се гледа како прашање на опстанок и перспектива. Според него, демографските трендови и иселувањето веќе ја ослабуваат државата, а евентуалното пролонгирање на членството во ЕУ може дополнително да го засили тој процес.
„Ова е иднината на народот кој што утре, за некоја деценија може да го нема. Пола Македонци ќе земат бугарски пасоши, ќе се иселат, ќе ги користат бенефитите на Европската Унија… Сериозно е ова прашање“, истакна Филипче, посочувајќи дека државата веќе се соочува со сериозен пад на населението.
Филипче ја повика актуелната власт јавно да објасни на кој начин конкретни чекори во процесот на интеграција би го загрозиле националниот идентитет.
„Како уште еднаш прашувам, со тој чекор се загрозуваат некои од идентитетските одредници? Еве нека излезе премиерот нека каже“, рече тој, додавајќи дека членството во ЕУ, напротив, би ја зајакнало позицијата на државата во однос на заштитата на правата на Македонците во соседството.
Според оваа аргументација, членството во Европска Унија не се гледа само како економски или политички бенефит, туку и како инструмент за институционално зајакнување и меѓународна легитимност.
Ставовите на Филипче се надоврзуваат на тезите изнесени во КОНТЕКСТ со Зоран Иванов кој го отвора прашањето за политичката употреба на идентитетот во домашниот дискурс. Иванов критички забележува дека стравовите околу идентитетските прашања често се користат како инструмент за внатрешнополитичка мобилизација, наместо како реална пречка во преговорите.
Она што ја прави оваа дебата особено значајна е судирот меѓу две наративи: едниот – дека евроинтеграциите носат ризик за идентитетот, и другиот – дека токму изолацијата го зголемува тој ризик. Во услови на континуирано иселување и демографски пад, прашањето веќе не е само „под кои услови“ ќе се влезе во ЕУ, туку и „дали државата може да си дозволи да остане надвор“.
Б. Јордановска
Дознајте повеќе:












